Kia го покажа изгледот на EV4 во пресрет на премиерата
Техничките детали за новиот Kia EV4, како и фотографиите од внатрешноста ќе бидат објавени подоцна овој месец

Иако Kia го најави официјалното лансирање на целосно електричната серија EV4 за 27 февруари на настанот Kia EV Day во Шпанија, компанијата веќе предвреме го откри неговиот изглед. Достапен во седан и хечбек верзија, новиот модел останува неверојатно близок до оригиналниот концепт, задржувајќи храбар и неконвенционален дизајн.
Препознатлив преден дел и два различни пристапи
Без разлика на каросериската изведба, EV4 го споделува истиот препознатлив преден дизајн. Вертикално поставените предни светла и LED дневните светла кои се протегаат нагоре кон хаубата му даваат футуристички изглед. Долната решетка е затемнета, дополнително истакнувајќи го остриот и модерен стил.
Седан инспириран од суперспортски автомобили?
Страничниот профил на седанот е еден од најинтересните елементи на EV4. Kia очигледно црпи инспирација од легендарни суперспортски автомобили, применувајќи „long tail“ дизајн, со накосено задно стакло и издолжен заден дел. Ова, заедно со панорамскиот стаклен покрив и затемнетите C-столбови, му дава уникатна силуета што досега не сме ја виделе кај Kia.
Од друга страна, EV4 хечбекот има подинамичен изглед, со поконвенционален заден дел. Наместо издолжениот „long tail“ дизајн, петвратниот модел добива пократко, поостро отсечено задно стакло и покомпактна каросерија. Разликите се видливи и кај задните светла – седанот има вертикално поставени задни светла, додека хечбекот користи повпечатлив LED потпис со хоризонтална светлосна лента.
Поагресивен GT-Line и што следува
И двете каросериски изведби ќе бидат достапни во спортската GT-Line верзија, која ќе вклучува уникатни 19-инчни тркала и редизајнирани браници за поагресивен изглед. Kia сè уште нема објавено фотографии од ентериерот, но се очекува EV4 да го следи дизајнерскиот јазик на останатите Kia EV модели, со широк панел што ги обединува дигиталната инструмент табла и мултимедијалниот систем.
Според Карим Хабиб, извршен потпретседател и шеф на глобалниот дизајн во Kia:
„Kia EV4 е јасен одраз на нашата посветеност да ја преиспитаме мобилноста и да ги прошириме границите на она што дизајнот може да го постигне. Со понудата на седан и хечбек варијанти, на нашите клиенти им овозможуваме уникатна комбинација на модерност и практичност што го дефинира семејството на Kia EV.“
Со препознатлив стил и две различни каросериски изведби, Kia EV4 станува уште една интересна опција во сè поголемата понуда на електрични возила на брендот. Останува да се види дали перформансите и цената ќе го оправдаат впечатливиот дизајн.