Кина ги оспорува тарифите од ЕУ пред Светската трговска организација
Министерство за трговија на Кина тврди дека активностите на ЕУ „ја поткопуваат глобалната соработка за справување со климатските промени“
Кина официјално поднесе жалба до Светската трговска организација поради одлуката на Европската унија да воведе антисубвенциони давачки за кинеските електрични возила.
Кина го поднесе случајот до механизмот за решавање спорови на СТО на 9 август, се вели во соопштението од Министерството за трговија. Ова е направено за да се заштитат развојните права и интереси на индустријата за електрични возила, се додава во истото.
„Пресудата во привремениот заклучок на ЕУ нема фактичка и правна основа. Таа сериозно ги прекрши правилата на СТО и ја поткопа глобалната соработка за справување со климатските промени“, рече портпаролот на Министерството.
„Ја повикуваме ЕУ веднаш да ги исправи своите погрешни постапки и заедно да ја заштити економската и трговската соработка меѓу Кина и ЕУ, како и стабилноста на синџирот на снабдување со ЕВ“, додаде портпаролот.
Односите на Пекинг со ЕУ достигнаа ново ниско ниво во последниве месеци, бидејќи блокот ја приближува својата политика кон Кина до онаа на САД. ЕУ минатиот месец воведе привремени царини до 37,6 отсто против увоз на некои автомобили од Кина по повеќемесечна истрага за кинеската државна помош за производителите на електрични возила.
Овој потег наиде на брза осуда од Пекинг. Кина веќе се закани со одмазда против европските земјоделци и производители на авиони и започна антидампинг истрага насочена кон француската индустрија за алкохолни пијалоци.