Кинеските брендови растат, европската сцена се менува: BYD далеку пред Tesla

BYD бележи раст од 206,8% и продава речиси трипати повеќе автомобили од Tesla во Европа, хибридите се најпопуларни во Европа

Кинеските производители на автомобили продолжуваат агресивно да го зголемуваат своето присуство на европскиот пазар, освојувајќи сè поголем дел од продажбите додека Tesla се соочува со сериозен пад. Според најновите бројки, кинеските брендови во октомври достигнале 6,8% удел во вкупните европски продажби, предводени од SAIC и BYD – брендови кои моментално ја доживуваат својата најсилна експанзија.

Експанзијата на кинеските брендови

Само во октомври, во земјите од ЕУ, Велика Британија и ЕФТА државите (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) биле продадени околу 75.000 возила од кинески брендови.

SAIC бележи посебно силен месец: продажбите пораснале од 17.552 возила минатиот октомври на 23.860 овој октомври. Во периодот јануари – октомври компанијата бележи раст од 26,6%, односно од 197.686 на 250.250 продадени автомобили.

BYD со раст од 206,8% – речиси тројно повеќе од Tesla

BYD продолжува со импресивен раст и во октомври оствари продажба од 17.470 автомобили, што претставува скок од 206,8% во споредба со истниот месец лани, кога биле продадени 5.695 возила. На годишно ниво (јануари–октомври), BYD забележува феноменален раст од 285%, со 138.390 продадени автомобили во споредба со 35.949 лани.

Со овие бројки, BYD во Европа продава речиси трипати повеќе возила од Tesla.

Tesla во слободен пад – продажбите намалени за 48,5%

Ситуацијата за Tesla е далеку од идеална. Во октомври брентот бележи пад од 48,5%, од 13.519 продадени возила минатиот октомври на само 6.964 оваа година. Тоа значи дека Tesla падна дури и зад Porsche, кој и покрај сопствениот пад од 26% успеа да продаде 7.653 автомобили.

Во првите десет месеци од 2025, Tesla има вкупно 180.688 продажби во Европа, што претставува пад од 29,6%.

Интересен податок е дека 36% од сите продадени кинески автомобили во октомври биле електрични, а најпродаван од нив е малечкиот BYD Dolphin.

Регистрации на нови автомобили во Европа: блага стабилизација

Продажбите на возила во Европа бележат умерено зголемување од 1,4%, а електричните автомобили веќе држат 16,4% пазарен удел.

Од јануари до октомври 2025, во ЕУ се регистрирани 1.473.447 нови електрични автомобили, потпомогнати од најголемите пазари:

  • Германија: +39,4%

  • Белгија: +10,6%

  • Холандија: +6,6%

  • Франција: +5,3%

Овие четири земји сочинуваат 62% од сите ЕВ регистрации.

Во октомври, регистрациите на електрични возила пораснале 38,6% на годишно ниво.

BYD

Хибридите и понатаму најпопуларни

Хибридните автомобили остануваат најбараниот погон во Европа, со пазарен удел од 34,6%. Во периодот јануари – октомври се регистрирани 3.109.362 хибриди, со најголем раст во:

  • Шпанија: +27,1%

  • Франција: +26,3%

  • Германија: +10,3%

  • Италија: +8,9%

Раст кај plug-in хибридите, пад кај бензинците и дизелите

Plug-in хибридите се исто така во подем, со 819.201 регистрации, односно раст од 43,2% на годишно ниво. Растот е најсилен во:

  • Шпанија: +109,6%

  • Италија: +76,5%

  • Германија: +63,4%

PHEV моделите сега имаат 9,1% удел на пазарот, наспроти 7% лани.

Во меѓувреме, бензинските автомобили паднаа на 27,4% пазарен удел, од 34% минатата година. Падот е најизразен во:

  • Франција: –32,3%

  • Германија: –22,5%

  • Италија: –16,9%

  • Шпанија: –13,7%

Дизелот продолжува да тоне и сега држи само 9,2% удел, со годишно намалување од 24,5%.

Поврзани вести

Back to top button