Кој навистина ја води кинеската автомобилска индустрија?

BYD, Chery, Geely и Changan контролираат повеќе од половина од пазарот, но не сите брендови ќе го преживеат следното десетлетие.

Кинеската автомобилска индустрија денес изгледа како сложена мрежа од компании, подбрендови и партнери, толку разгранета што дури и аналитичарите тешко ја следат нејзината структура. Според најновата анализа на Фелипе Мунјоз, четири гиганти, BYD, Chery, Geely и Changan, сочинуваат повеќе од 56% од вкупната продажба на автомобили во Кина, што ја покажува нивната огромна доминација на домашниот пазар.

Големата четворка – моторот на кинескиот пазар

Според инфографикот што го објави Мунјоз, најголемите четири групации не само што доминираат во продажбата, туку и во бројот на подбрендови што ги контролираат.

  • Chery, која е државна компанија, има цела палета на брендови под своја капа: Fulwin, Omoda, Jetour, Exeed, iCar, Luxeed, Jaecoo и Rely.

  • Changan, исто така државна, управува со Avatr, Deepal, Nevo, Volga и Kaicheng.

  • Geely, можеби најинтернационалниот од сите, поседува делумно или целосно брендови како Zeekr, Volvo, Lotus, Lynk & Co, Polestar, Smart, Proton, LEVC, Radar и Galaxy.

  • BYD, пак, ја одржува својата структура поедноставна, со само неколку брендови: Denza, YangWang и Fang Cheng Bao, покрај матичниот BYD.

Овие компании, со силна поддршка од државата, претставуваат центарот на кинескиот автомобилски универзум, каде што „приближувањето кон сонцето“ симболизира и поголемо државно влијание во нивното работење.

Вториот круг – државни и приватни групации

Надвор од „Големата четворка“ постојат уште неколку клучни конгломерати кои играат важна улога.

  • SAIC поседува брендови како MG, LDV, Maxus, IM и Roewe – познати и на европските пазари.

  • BAIC контролира Arcfox, Foton, Tiger и Stelato, додека

  • Dongfeng управува со MHero, Voyah, Nammi и Venucia.

  • Тука е и JAC, под чија капа се Maextro, Evo и Nord.

Иако овие производители имаат помала продажба од водечките четири, тие сè уште играат клучна улога во диверзификацијата на кинескиот автомобилски пазар, кој останува најдинамичниот во светот.

Стартапите што се борат за опстанок

Покрај големите корпорации, на сцената се појавуваат и стартапи како Nio, Xpeng, Li Auto, Xiaomi, Leapmotor, Neta, Aiways и Rox. Иако засега успеваат да останат независни, експертите предупредуваат дека притисокот врз овие компании постојано расте. Некои од нив веќе креираат нови подбрендови, како што Nio ги лансираше Onvo и Firefly, со цел да привлечат поширока публика и да се одржат на пазарот.

Пирамидата на статусот – кој каде припаѓа

Втората анализа на Мунјоз покажува пирамидална структура со 109 брендови подредени според нивната пазарна позиција. На врвот се луксузните имиња како Hongqi, YangWang и Maextro. Под нив се технолошките предизвикувачи, Xiaomi, Nio и Li Auto, а потоа следуваат премиум брендовите како Denza, Zeekr, Stelato и Xpeng.

На дното на пирамидата се буџетските марки, кои често се непознати надвор од Кина – како Sinogold, Pocco и Hima. Овие брендови се најзагрозени и најверојатно нема да преживеат во следната декада.

Опстанок на најсилните

Иако големите групации ќе продолжат да доминираат, аналитичарите предвидуваат дека многу помали брендови ќе бидат споени, редуцирани или целосно напуштени, слично на она што се случуваше во Европа и САД со имиња како Pontiac, Oldsmobile, Autobianchi и Sunbeam.

Едно е сигурно – кинеските производители нема да исчезнат. Напротив, тие се сè посилно насочени кон глобалните пазари и ќе продолжат да ја обликуваат иднината на автомобилската индустрија со електрични, технолошки и ценовно достапни модели.

Поврзани вести

Back to top button