fbpx

Франкфурт 2019: Концептниот Cupra Tavascan доаѓа со 302 КС и опсег од 450 km

Со претставувањето на електричниот концепт Tavascan, Cupra ги покажува своите намери поврзани со електричната иднина на компанијата

Базиран на MEB платформата, која ќе стане камен-темелник на сите EV на групацијата, концептниот автомобил се напојува од три електрични мотори. Два од нив се интегрирани во предната оска, додека третиот се наоѓа на задната, а заеднички остваруваат моќност од 302 коњски сили, доволно за достигнување на 100 km/h за 6,5 секудни.

Електричниот погон на Tavascan се напојува со литиум-јонска батерија од 77 kWh, монтирана во подот за понизок центар на гравитација и подинамично искуство во возењето. Ова обезбедува максимален возен опсег од 450 km, според новиот WLTP тест циклус.

Визуелно, концептот го следи трендот на кросовер купе, со елегантен стил кој е многу агресивен во предниот дел. Потписот „Cupra“ се наоѓа и во фаровите со интегрирани LED дневни светла, а она што исто така е интересно е и тенкиот дизајн на страничните ретровизори, како и рамните и слеани рачки на вратите, кои се извлекуваат со отклучување на возилото. Впечатливиот дизајн на задниот браник и специјалниот светлосен потпис со друго осветлено лого на Cupra, заедно со карбонските и бакарните детали, го заокружуваат изгледот на Tavascan.

Tavascan

Во кабината, футуристичкиот изглед е она со што електричниот концепт се карактеризира, а нуди сместување за четири патници со четири одделни седишта, со интегрирани звучници и конекција за паметни телефони. На управувачот се поставени контроли за избор на работен режим, копче за стартување на моторот и осветлено лого на Cupra.

Централната табла е изведена со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и 13-инчен инфозабавен систем, а достапно е и амбиенталното осветлување, како и изработката на внатрешнсота од кожа, алкантара и јаглеродни влакна.

Именуван по село лоцирано во Шпанија, близу француската граница, концептниот Tavascan ќе дебитира на Саемот за автомобили во Франкфурт следната недела.

Поврзани вести

Back to top button