Краток тест Citroen C3 Aircross: Невообичаено искрен
Додека ривалските брендови создаваат кросовери кои изгледаат модерно и „кул“, но потфрлаат на места кои во суштина се најважни, како на пример внатрешениот простор, а новата т.е ажурирана верзија на C3 Aircross одбива да го напушти своето потекло кое влече корени од MPV моделот С3 Picasso
Покрај сè што се пласира од маркетиншка гледна точка, марката Citroen е всушност еден од најискрените автомобилски брендови, возилата кои доаѓаат од овој производител содржат многу дух и уникатен каратер, а најмногу некои од најважните параметри за многу клиенти: практичност, удобност и вредност за вложените средства.
Ако го погледнете новиот Citroen C3 Aircross одзади, ќе се борите да ги пронајдете разликите од автомобилот што го заменува, минималната промена во графиката на светлосните склопови е единственото место каде е интервенирано. Но затоа предниот дел добива драстична преобразба која влева софистицираност во изгледот на автомобилот. Новобликуваните, потенки предни светла (стандардно во LED технологија) и пошироката решетка со поагресивен изглед го постигнуваат овој ефект, сепак тој е далеку од кросовер со најдобар изглед во сегмантот, но сигурно е еден од малкуте кои поседуваат карактер со уникатен стајлинг.
Голема пространост во ентериерот
Исто како и на екстериерот така и во внатрешноста промените се минимални и се изведени само на одредени места. Одговорните лица се воделе од поговорката која вели, „ако добро нема потреба да се преправа“. Во кабинскиот простор на C3 Aircross чувството е како да сте во дневна соба, поседува голем отворен простор дефиниран со прави агли и елементи кои го прават визуелно интересен. Citroen е особено горд на своите напредни седишта кои додаваат 15 мм во облогите и овозможуваа поголема удобност одколку кај конкурентите.
На многу начини, Citroen C3 Aircross е поблиску до MPV отколку кросовер, особено кога станува збор за понудата на просторот. Ова го прави еден од најпрактичните автомобили во својата класа за што е заслужен и двоспратниот багажен простор со капацитет од 410 литри. Во највисокото ниво на опременост, со кое патем беше опремено тест возилото вграден е нов инфозабавен систем од 9 инчи, кој не само што изгледа далеку подобро, туку и има многу подобро време на реакција во однос на стариот систем, дополнително доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto како стандард.
Разумен избор кај моторните опции
Кај C3 Aircross се нудат две моторни опции, бензинска и дизелска со две верзии на излезна моќност. Во нашиот случај функцијата на двигател му беше одстапена на тричилиндерскиот бензинец со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 110 КС и преставува основа во моторизацијата. Овој агрегат се наметнува како разумен избор кој со својата работа и перформанси нуди доволно моќ за кросовер фокусиран на секојдневниот комфор. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6 степен мануелен менувач со изразено меко работење. Во целиот аранжман се вклопуваат и перформансите кои велат дека до 100 км/ч стигнува за 10,2 секунди, а максималната брзина на движење изнесува 183 км/ч.
Bо неколкудневното дружење возевме низ градски метеж и на отворен пат, а потрошувачката која ја измеривме во просек изнесуваше 7,1 литар на 100 изминати километри. Во делот на возните способности за моделот C3 Aircross може да се каже дека го прави токму тоа што од него се очекува да го направи на пат, ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Удобноста е името на играта кога станува збор за управувањето, C3 Aircross е мек и предвидлив автомобил кој има за цел да го направи животот зад управувачот максимално лесен и опуштен.
Моделот C3 Aircross можеби не е најкул, но е исклучително практичен и непретенциозен автомобил. Како резултат на тоа, нуди нешто сосема искрено и уникатно што го прави посебен во преполниот и исклучително конкурентен сегмент.
Цена на тестираниот модел: 18.825 евра
Технички податоци за Citroen C3 Aircross PureTech 110 S&S Shine
мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 см3 |
пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 110 KС (81 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 205 Nm при 1.750 min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 205/60 R16 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.154 x 1.756 x 1.537 мм |
меѓуоскино растојание | 2.604 мм |
траги (напред/назад) | 1.513/1.491 мм |
тежина | 1.179 кг |
максимална тежина | 1.795 кг |
багажен капацитет | 410 литри |
резервоар | 45 литри |
максимална брзина | 183 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 10.2 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,3/5,9 л/4,8/100 км |
емисија на CO2 | 111 г/км |
Citroen C3 Aircross во Македонија
Citroen C3 Aircross Feel HDi 110 | 17.880 евра |
Citroen C3 Aircross Feel Pack PureTech 110 | 17.190 евра |
Citroen C3 Aircross Feel Pack PureTech130 EAT6 | 19.900 евра |
Citroen C3 Aircross Feel Pack HDi 110 | 18.890 евра |
Citroen C3 Aircross Feel Pack HDi 120 EAT6 | 21.890 евра |
Citroen C3 Aircross Shine PureTech 130 HP EAT6 | 20.900 евра |
Citroen C3 Aircross Shine HDi 110 | 19.890 евра |
Citroen C3 Aircross Shine HDi 120 EAT6 | 22.890 евра |
Повеќе информации во Автонова или на тел. (0) 30 93 011
Конкуренти:
Ford Puma | од 21.600 до 30.600 евра |
Renault Captur | од 15.990 до 25.340 евра |
Opel Mokka | од 17.920 до 25.790 евра |
Fiat 500X | од 18.490 до 22.000 евра |
Volkswagen T-Cross | од 18.406 до 28.575 евра |
Nissan Juke | од 18.900 до 26.090 евра |