Краток тест Fiat 500 Rock Star: Забавата продолжува

По речиси една деценија, во редакцијата на Авто Плус на тест возење повторно се најде препознатливиот Fiat 500, но овојпат во едно ново руво, во ликот на Rock Star

Fiat 500 е автомобилска легенда во Европа. Малиот градски автомобил ја започна својата приказна уште во далечната 1957 и се произведуваше се до 1975 година, настрана сите лиценци кои Fiat во голем број земји. Во 2997 година, во чест на 50-годишнината од првиот произведен модел, Fiat повторно започна да го произведува автомобилот кој ќе биде омилен кај понежниот пол, но истовремено ќе ги привлекува погледите и на мажите, кои ретко признаваат дека сакаат да го имаат во свој посед. Новиот Fiat 500 со новиот дизајн ја продолжува успешната приказна на својот претходник.

ap-test-Fiat-500

Но, и новиот Fiat 500 е доволно долго на пазарот за да добие свое некое освежување и унапредување. Автомобилот е на пазарот од 2007 година, а покрај малиот фејслифт во 2015 година, се уште успева да се избори на пазарот. Сепак, Fiat не сака да менува нешто што има легендарен статус, најважна е сликата која се создава, а на такво нешто не може да му се стави цена.

Ги исполнува очекувањата

По речиси една деценија, во редакцијата на Авто Плус на тест возење повторно се најде препознатливиот Fiat 500, но овојпат во едно ново руво во ликот и делото на Rockstar верзијата. Како што е напоменато и погоре, малку работи се променети за толку години, но воопшто и нема потреба за такво нешто. Забавата дефинитивно е тука, а како и вистинските рок ѕвезди, така и Fiat 500 Rockstar успева да ги исполни очекувањата. Фактот дека во 2019 година беше надмината бројката од 3 милиони продадени единици зборува сама за себе.

Претставен во летото 2019 година, Fiat 500 Rockstar се карактеризира со мали, но воочливи промени на екстериерот. Впечатливиот и привлечен дизајн е надополнет со спортските браници и страничните прагови, а за целосно уживање под сонцето, тука е и фиксираниот сончев покрив. Не треба да се заборават ниту светлата за магла кои имаат изглед на нулите од логото 500. Изгледот на предните светла е практично ист, но со поинаква графика, а тука се и дневните LED светла. 16-инчните фелни со својот карактеристичен поглед дефинитивно успеаја да измамат по некој поглед на заинтересираните минувачи, а сатенскиот финиш и мат темно зелената боја на каросеријата е дефинитивно приказна за себе.

Унапредувања во внатрешноста

Промените продолжуваат и во внатрешноста, каде што може да се забележат додатоци во духот на времето. Ако се направи еден времеплов од речиси 10 години наназад во времето, Fiat 500 Rockstar во однос на оној модел кој имавме шанса да го возиме претходно, сега добива 7-инчна дигитална инструмент табла со што успева да го држи чекорот со конкуренцијата, а тука е у 7-инчниот Uconnect HD Live екран на допир како дел од инфозабавниот систем, кој има Apple CarPlay и Android Auto поддршка. Графиката на инфозабавниот екран не е врвна, но од друга страна е едноставен и респонзивен за користење, што секако позитивна страна.

Fiat 500 Rockstar

Големиот управувач со својата спортска крутост ви дава чувство дека постојано ја имате малата рок ѕвезда под контрола, особено кога 1,2-литарскиот мотор кој испорачува навидум скромни, а за автомобилот повеќе од доволни 69 КС го нуди потребното ниво на забава на градските улици. За маневрирање во помали простори тука е City опцијата, која до 40 километри на час значително го омекнува управувачот. Со комбинираната потрошувачка од 5,1-5,3 литри на 100 километри, Fiat 500 Rockstar навистина претставува економичен избор.

Препознатлив италијански шмек

Седиштата, очекувано, во себе носат италијански шмек благодарение на својот дизајн. Возачкото седиште, кога станува збор за висината, може да се подесува единствено долниот дел, што совршено одговара за градските улици, но за повеќечасовно возење можеби ќе ви недостасува подесувањето на лумбалниот дел за грбот. Во задниот дел од автомобилот, барем кога станува збор за официјалните спецификации, можат да се сместат две лица, а зад нив е малиот, но сепак доволно голем багажник во кој може да се смести една поголема торба или неколку помали. Капацитетот изнесува 185 литри, а со собирањето на задните седишта, расте на 610 литри.

Со своето меѓуосовинско растојание од 2.300 милиметри и вкупна должина од 3.571 милиметри, како и поставеноста на веќе споменатите 16-инчни тркала, очекувано, носи нешто потврдо возење, но затоа нуди одлично искуство во свиоците и не покажува никакви аномалии, што секако е додаток плус за забавниот Rockstar.

Вистинска градска рок ѕвезда

Мораме да признаеме дека навистина уживавме во возењето на Fiat 500 Rockstar. По толку години поминати, навистина чувството беше одлично да се потсетиме на сето она што го нуди „малиот италијанец“ специјализиран за градските улици. Во секој случај исклучително интересен автомобил во кој дефинитивно ќе се заљубите и нема да сакате да го оставите ниту минута.

Цената на тестираниот модел изнесува 15.640 евра, со тоа што во моментов се нуди со попуст, па можете да го добиете за 14.140 евра. Во секој случај, за повеќе информации обратете се на официјалниот веб сајт на Fiat Македонија, или пак посетете го продажниот салон.

Технички спецификации Fiat 500 Rockstar
моторEURO 6 d, 1.2 атмосферски бензински мотор со 4 цилиндри во линија сместен напред попречно
работна зафатнина1.242 cm3
пречник и од70.8 x 78.86 mm
степен на компресија11:01
напојувањеMulti Point вбризгување на горивото, два вентили по цилиндар
максимална моќ69 КС/ 51 KW при 5.500 вртежи во минута
макс. вртежен момент102 Nm при 3.000 вртежи во минута
трансмисијана предни тркала преку 5-степен мануелен менувач
потпирањенапред независен Мекферсонов систем, спирални пружини, назад торзиона оска, спирални пружини
сопирачкинапред дискови, назад барабан, ABS, EBD, ESC, ASR, HBA
пневматици195/45 R16
каросеријахечбек со три врати, четири седишта
должина х ширина х висина3668 mm x 1628 mm x 1519 mm
меѓуоскино растојание2301 mm
траги (напред/назад)1407 mm/1397 mm
тежина980 кг
максимална тежина1.360 кг
багажен капацитет185 литри
резервоар39,7 литри
максимална брзина163 километри на час
забрзување 0-100 km/h12,9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)4.5 – 4.7 l/6.1 – 6.5 l/5.1 – 5.3 l 100km
емисија на CO2136 g/km

Fiat 500 Rockstar

Fiat 500 во Македонија:
Fiat 500 1.2 POP11.950 евра
Fiat 500 1. 2 LOUNGE13.300 евра
Fiat 500 1. 2 CABRIO LOUNGE17.000 евра
Fiat 500 1.2 STAR14.300 евра
Fiat 500 1.2 POPSTAR14.300 евра
Конкуренција:
Renault TwingoОд 10.690 до 14.990 евра
Toyota AygoОд 9.390 до 14.990 евра
Citroen C1Од 10.490 до 12.490 евра
Peugeot 108Од 10.690 до 13.440 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close