Кризата со чипови го намалува производството за 3,9 милиони возила

Глобалниот недостиг на полупроводни чипови предизвика голем број автомобилски производители да го намалат производството, а одложувањата се насобираат

Пандемијата на коронавирусот направи сериозен проблем во речиси секоја индустрија, па така и во автомобилската. Голем број фабрики беа затворени или работеа со преполовен капацитет, а исклучок не беа ниту фабриките кои се занимаваат со производство на полупроводници и чипови. Сега, ситуацијата доведе до тоа истите да не можат да ги задоволат побарувањата на пазарот, а тоа сериозно влијае врз автомобилските производители.

Токму овој глобален недостиг на полупроводници предизвика голем број автомобилски компании да го намалат производството или целосно да го стават во мирување, а ситуацијата воопшто не оди на подобро. Според најновото предвидување од AlixPartners, кризата со чиповите ќе резултира со 3,9 милиони произведени возила помалку само оваа година. Ова е навистина голема бројка, а од фирмата велат дека тоа ќе ги чини производителите околу 90 милијарди евра приходи. Ова е речиси двојно од нивните првични пресметки од 50 милијарди во јануари.

Ден Херш од AlixPartners посочува дека еден типичен автомобил користи и до 1.400 чипови и дека бројот само ќе се зголемува во иднина со оглед на тоа дека „индустријата продолжува со својот фокус кон електричните возила, уште поконектирани автомобили и на крајот, автономните возила“.

Нормализација дури од следната година

За жал, ситуацијата се очекува да стане уште полоша, пред евентуално да започне да се подобрува. Во принцип, компанијата за CNBC истакна дека најголемиот удар врз автомобилското производство ќе се случи во вториот квартал од годината. Со оглед на тоа, Херш очекува ситуацијата постепено да се подобрува и во третиот квартал би можело да има доволно чипови за сите производители. Сепак, работите би можеле да не се вратат во нормала се до следната година.

Но, производителите, барем оние преку Атлантикот, веќе добиваат назнаки за помош, бидејќи Reuters пренесува дека неколку американски сенатори подготвуваат понуда од 42 милијарди евра со цел значително да се зголеми производството на чипови во Америка. Иако ситуацијата не може да се подобри преку ноќ, само САД произведува околу 12 проценти од светската количина на полупроводни чипови, што е голем пад од 37-те проценти удел кои земјата ги имаше во 1990.

 

Поврзани вести

Back to top button