Лос Анџелес 2017: Повеќе луксуз и нов мотор за обновената Mazda6
Јапонскиот производител Mazda го искористи автосалонот во Лос Анџелес, за да ја претстави обновената Mazda6
![Mazda6](https://avtoplus.mk/wp-content/uploads/2017/12/Mazda-n-780x405.jpg)
Јапонскиот производител Mazda го искористи автосалонот во Лос Анџелес, за да ја претстави обновената Mazda6, која доби преработен дизајн на екстериерот и ентериерот, како и целосно нов турбо мотор Skyactiv-G 2.5T. Како што и се очекуваше, радикални измени во изгледот на моделот нема, но сепак треба да биде одбележана новата маска на ладилникот, преработените светлосни групи, различните браници и новите тркала.
Сето ова го прави автомобилот поатрактивен. Mazda открива дека надградената „шестка“ пристигнува со посилна каросерија и значително подобрена звучна изолација. За подобра акустика, важна улога игра зголемувањето на дебелината на лимот во задниот дел. Во салонот промените се повеќе. Предниот панел е редизајниран, повторувајќи го едноставниот, лаконски стил на концептниот автомобил Mazda Vision Coupe.
Кај топ- верзиите на моделот голем број функции и уште некои индикации за работата на моторот веќе излегуваат на 7- инчен дисплеј. Предните седишта на седанот се пошироки од досега, а информациско-забавниот систем со 8- инчен екран на допир е со голем контраст. Во стандардната опрема сега влегува кружна камера за надзор, а за повеќе луксуз следат опциски елементи од скапа кожа и јапонско дрво.
Преработената Mazda6 доби турбокомпресорски Skyactiv-G 2.5T.
Овој мотор се користи на CX-9, со моќ од 253 КС.Постојниот 2.5- литарски мотор, кој е исто така надграден, е достапен со моќ од 192 KС со можност за деактивација на цилиндрите при брзина од 40- 80 km/h. Шестбрзинскиот автоматски менувач исто така е ревидиран, а покрај тоа ќе има и механички пренос и ќе биде достапен и на американскиот пазар.