Land Rover Defender Trophy Edition инспириран од легендарниот Camel Trophy
Land Rover Defender Trophy Edition пристигнува со ретро бои, оф-роуд додатоци и глобална достапност, инспириран од легендарниот Camel Trophy

Land Rover го претстави специјалниот Defender 110 Trophy Edition, теренец што го слави богатото рели и оф-роуд наследство на брендот, инспириран од иконскиот Camel Trophy. Иако нема официјална поврзаност со познатата марка цигари што беше спонзор на натпреварите помеѓу 1980 и 2000 година, дизајнот и духот на новиот модел јасно се поврзуваат со тие славни денови.
Класични бои и модерна подготовка за оф-роуд
Trophy Edition пристигнува во две ретро бои – Deep Sandglow Yellow и Keswick Green, комбинирани со црни гланцирани детали на хаубата, лаковите на тркалата и долниот дел од каросеријата. За оние кои сакаат дополнителна заштита, достапен е и опционален мат заштитен филм кој ќе го сочува изгледот дури и при урбано оф-роуд возење.
Моделот стандардно доаѓа со 20-инчни Gloss Black тркала, универзални теренски гуми, затемнети заштитни плочи на браниците, и Trophy налепници на хаубата и C-столбовите. Во внатрешноста, има осветлени прагчиња со Trophy логотип, седишта обложени со Ebony Windsor кожа, како и видлива метална греда на инструмент таблата, обоена во иста боја како надворешноста.
Полн оф-роуд пакет за вистински ентузијасти
За вистинските љубители на теренски авантури, Land Rover нуди Trophy Edition Accessory Pack за дополнителни £4,995 (околу 6.700 долари). Со него добивате багажник на покривот, скали за пристап, странични кутии (panniers), калници (mud flaps) и снорхел за подобрување на способностите при влез во вода. Дури и ако никогаш не ги искористите во пракса – изгледот е повеќе од доволен аргумент.
Основната цена на моделот започнува од £89,810 (околу 120.000 долари), а моделот ќе има глобална достапност, за разлика од претходните Trophy серии кои беа резервирани само за Северна Америка и во ограничени количини.
Јавна премиера на Goodwood Festival of Speed
Defender 110 Trophy Edition ќе може да се види во живо во јули, на фестивалот Goodwood Festival of Speed, каде ќе биде изложен и ќе учествува во демонстративни возења. Оваа нова верзија ја продолжува традицијата на Land Rover да создава модели кои истовремено ги комбинираат историјата, перформансите, и привлечниот дизајн.