fbpx

Land Rover Discovery освежен со нов изглед и нови мотори

Land Rover официјално го претстави освежениот Discovery кој пристигнува со нов стајлинг на екстериерот, унапреден ентериер и нови моторни единици

Освежениот Discovery пристигнува со суптилно променет екстериер кој е тешко забележлив на прв поглед. Сепак, со повнимателно прегледување јасно е забележлива новата решетка која е „опколена“ со унапредени фарови. Суптилните промени продолжуваат и на задната страна каде се наоѓаат новите задни светла и модифицираниот браник. Исто така, тука е и црниот пластичен панел на вратата од багажникот со што асиметричниот дизајн добива еден нов, подобрен изглед.

Discovery

Британската марка додаде и нов трим R-Dynamic кој носи неколку визуелни промени, пред се црн покрив со висок сјај, а иста таква боја има и предната решетка, како и наплатките над тркалата.

Далеку поголеми промени се случуваат во внатрешноста каде се наоѓа новиот инфозабавен систем кој е сличен на оној кој можеме да го најдеме во новиот Defender. Се карактеризира со поголем 11,4-инчен екран и можноста да добива бежични унапредувања.

Discovery

Купувачите исто така ќе се сретнат и со нов управувач и ревидирани команди, како и дигиталната инструмент табла од 12,3-инчи. Централната конзола исто така е освежена и сега на истата се наоѓа понабиен менувач и минималистички контроли. Забележлив е и сјајно црниот трим.

Discovery

Патниците од вториот ред не се запоставени, па сега Land Rover инсталираше редизајнирани седишта кои ветуваат многу поголема удобност. На задниот дел исто така се поставени и нови отвори за вентилација и унапредени контроли од клима уредот.

Land Rover Discovery дефинитивно се откажа од старите V6 мотори наследени уште од Ford, па сега во целост се потпира на погонските единици развиени од страна на Jaguar Land Rover. Колку се големи промените во овој сегмент говори и фактот дека само еден агрегат е ист како пред освежувањето. Станува збор за 2,0-литарскиот бензинец со 300 КС и 400 Nm.

Сите останати мотори во понудата се шестцилиндрични, а кога станува збор за 3,0-литарските моторни единици, кај бензинците честа ја брани еден агрегат кој располага со 360 КС и 500 Nm. Дизелските мотори се застапени со две погонски единици. Тоа се D250 sсо 249 КС и 570 Nm и D300 со 300 КС и 650 Nm. Сите 3,0-литарски агрегати можат да се пофалат и со благ хибриден систем од 48 V. Треба да се напомене дека Discovery останува достапен само со погон на сите тркала.

Discovery

Првите примероци на освежениот Discovery ќе се најдат во продажба кон почетокот на следната година. Почетната цена на матичниот британски пазар ќе изнесува 54.000 фунти.

Поврзани вести

Back to top button