Леклер му ја донесе на Ferrari јубилејната 250-та победа во Formula 1

Шарл Леклер победи на Големата награда на Велика Британија и му ја донесе на Ferrari јубилејната 250. победа во Formula 1

Возачот на Ferrari, Шарл Леклер, триумфираше на Големата награда на Велика Британија на патеката Силверстоун, деветтата трка од сезоната во Formula 1. Возачот од Монако ја забележа деветтата победа во кариерата, прва по пауза од 623 дена, а воедно му ја донесе и јубилејната 250. победа на Ferrari во Formula 1.

Второто место му припадна на Џорџ Расел од Mercedes, кој со одлична стратегија успеа да го престигне Луис Хамилтон во самиот финиш, додека седумкратниот светски шамион го комплетираше победничкиот подиум на домашната трка.

Одличен старт на Ferrari

Леклер уште во првиот свиок го презеде водството, престигнувајќи го освојувачот на пол-позицијата Андреа Кими Антонели. Неговиот тимски колега Луис Хамилтон исто така успеа да се пробие пред младиот Италијанец, но Антонели наскоро ја врати втората позиција и започна потера по лидерот.

Возачот на Mercedes долго остана на патеката со првиот сет гуми, надевајќи се дека различната стратегија ќе му овозможи напад за победата по влегувањето во боксот.

Дефектот го уништи настапот на Антонели

По менувањето на гумите, Антонели постепено ја намалуваше разликата во однос на Леклер и изгледаше дека во завршницата ќе се води директна борба за победата.

Сепак, во 41. круг Италијанецот пријави проблем со болидот, а тимот подоцна утврди дефект на предниот лев дел од возилото. По две дополнителни посети на боксот и казна од пет секунди поради повеќекратно излегување надвор од границите на патеката, Антонели ја заврши трката дури на 16. место, без освоени бодови.

И покрај тоа, тој останува лидер во генералниот пласман со 179 бодови, но неговата предност во однос на Расел е намалена на 25 поени.

Излетувањето на Верстапен ја реши трката

Дополнителна драма се случи во 48. круг кога Макс Верстапен излета во чакалот во свиокот Стоу и беше принуден да ја заврши трката. Инцидентот го испрати безбедносното возило на патеката, а повеќето возачи ја искористија можноста за последна промена на гумите.

Расел остана на патеката и токму благодарение на таа стратегија го прескокна Хамилтон за второто место. Иако возачот на Ferrari имаше посвежи гуми, дирекцијата на трката одлучи натпреварувањето да заврши зад безбедносното возило, па немаше можност за напад врз сонародникот.

Ferrari слави голем јубилеј

Со оваа победа, Ferrari стигна до историскиот успех од 250 победи во Formula 1, а Леклер конечно се врати на највисокото скалило на подиумот по повеќе од година и пол.

Четвртото место го освои Ландо Норис со McLaren, пред Исак Хаџар, Лијам Лосон, Арвид Линдблад, Габриел Бортолето, Франко Колапинто и Пјер Гасли, кои ги комплетираа првите десет.

Покрај Верстапен, трката не ја завршија ниту Алекс Албон и Нико Хулкенберг.

Следната трка од шампионатот во Formula 1 ќе се вози од 17 до 19 јули на легендарната патека Спа-Франкоршамп во Белгија.

Поврзани вести

Back to top button