Луксузен електричен миниван: претставен новиот Mercedes VLE

Mercedes-Benz го претстави новиот електричен миниван VLE со досег до 700 км, 409 КС и луксузен ентериер со 31-инчен 8K екран

Германскиот производител Mercedes‑Benz го претстави новиот електричен миниван Mercedes‑Benz VLE, модел кој компанијата го опишува како „гранд лимузина“. Станува збор за исклучително луксузен и технолошки напреден миниван кој треба да пристигне на американскиот пазар во 2027 година, а во продажба ќе се појави како модел за 2028 година.

Новиот VLE комбинира елегантен дизајн, моќен електричен погон и ентериер со ниво на удобност слично на приватен авион, со што поставува нови стандарди во сегментот на луксузни семејни и бизнис превозни возила.

Mercedes VLE

Модерен дизајн и големи димензии

Новиот електричен миниван се одликува со модерен изглед и аеродинамична каросерија. Предниот дел има впечатлива решетка со можност за осветлена рамка и светлосни елементи со препознатливата ѕвезда на брендот. Купувачите можат да изберат и AMG пакет, кој додава поспортски браник и редизајнирана маска.

Каросеријата има чисти линии, рачки за врати интегрирани во каросеријата и електрични лизгачки врати со целосно спуштливи прозорци. Миниванот располага со тркала со големина од 19 до 22 инчи, а коефициентот на отпор на воздухот изнесува само 0,25, што придонесува за подобра ефикасност.

По димензии, VLE е навистина голем. Должината изнесува 5.309 mm, ширината 1.999 mm, а висината 1.943 mm, со меѓуоскино растојание од 3.342 mm. Подоцна ќе биде понудена и подолга верзија со должина од 5.484 mm.

Ентериер со луксуз на ниво на приватен авион

Внатрешноста на новиот VLE е вистинска демонстрација на луксуз и технологија. Во предниот дел се наоѓа системот MBUX Superscreen, кој вклучува 10,25-инчен дигитален инструмент панел, 14-инчен инфозабавен екран и уште еден 14-инчен дисплеј за совозачот.

Mercedes VLE

Патниците на задните седишта можат да уживаат во огромен 31,3-инчен панорамски екран со 8K резолуција, кој се спушта од таванот и овозможува поделба на екранот, како и користење за видеоконференции благодарение на вградена камера.

Системот за звук е Burmester 3D surround со 22 звучници, додека панорамскиот Sky View стаклен покрив создава дополнително чувство на простор и светлина. Внатре има и преклопни масички, безжични полначи за телефони и ладени или загреани прегради.

Mercedes VLE

Седишта со врвен комфор

Миниванот ќе биде достапен со шест до осум седишта, со различни конфигурации на капитенски фотелји или класични клупи. Во повисоките нивоа на опрема се нудат седишта Premium Comfort и Grand Comfort, кои нудат потпирач за нозе, масажа, лумбална поддршка, перници и безжично полнење за телефон.

Mercedes истакнува дека електричните седишта можат да се подесуваат преку инфозабавниот систем или преку апликација на паметен телефон.

Mercedes VLE

Моќни електрични верзии и голем досег

Основната верзија VLE 300 располага со батерија од 115 kWh и електромотор со 272 КС, што овозможува досег поголем од 700 километри според WLTP циклусот.

Подоцна ќе биде понудена и помоќната VLE 400 4MATIC со два електромотори и 409 КС, која забрзува од 0 до 100 km/h за околу 6,4 секунди.

Благодарение на 800-волтната електрична архитектура, миниванот поддржува брзо полнење со повеќе од 300 kW, што овозможува дополнителни 355 километри автономија за само 15 минути полнење.

Mercedes VLE

Напредна технологија и автономни системи

Моделот располага со воздушна суспензија AirMatic и управување на задната оска, што овозможува изненадувачки мала радиус на вртење за возило од оваа големина.

За системите за асистенција се грижат 12 ултразвучни сензори, 10 камери и 5 радари, кои работат со системот MB.Drive Assist Pro. Оваа технологија овозможува и возење без раце во градски услови и на автопат.

Иако цената сè уште не е официјално објавена, со оглед на технологијата, луксузот и позиционирањето како „гранд лимузина“, се очекува Mercedes‑Benz VLE да биде еден од најскапите и најлуксузни електрични минивани на пазарот.

Поврзани вести

Back to top button