Македонците одлични на Хунгароринг во рамките на Twingo Cup

Официјално стартуваше новата сезона во „Twingo Cup“ во организација „АКК Рено Спорт“ и тоа со интернационален предизвик за македонските возачи, на познатата патека Хунгароринг

Со двете трки на патеката Хунгароринг започна новата сезона во Twingo Cup. Македонските возачи имаа интернационално искуство, а на крајот забележаа одлични резултати. Двете трки се бодуваа за FIA CEZ и за првенствата на Словенија и на Македонија. На трките учествуваа 21 возач од Словенија, Македонија, Унгарија и од Србија. За македонските возачи ова беше деби на меѓународната сцена и добија шанса да се тркаат против своите колеги од соседството.

Иако за првпат се среќаваат со патеката Хунгароринг и после само неколку тестирања веќе во првата трка македонските возачи во „Twingo Cup“ го покажаа својот квалитет. Во првата трка, тројца македонски возачи завршија во Топ 10, а во втората дури петмина. Исто така, Мартин Костовски го имаше и најбрзиот извозен круг во првата, додека во втората трка на Давид Малинковски за малку му избега пласман на подиумот, завршувајќи како четвртопласиран.

На првата трка покрај Костовски (шесто место) меѓу десетте најдобри завршија и Ангелче Стојковски (деветто место) и Милан Ѓорѓиевски (10 место), кои ги освоија и првите три места во бодувањето за македонскиот шампионат на Twingo Cup. Во втората трка, покрај Малинковски кој заврши како четврти, во Топ 10 влегоа и Слободан Трајковски (петто место), Ангелче Стојковски (седмо место), како и Костовски и Ѓорѓиевски кои беа деветти и десетти.

Според планот сезонава треба да има уште неколку интернационални трки, во Словачка, Австрија, Грција и Хрватска, како и трки во Македонија. Во конкуренција на 19 натпреварувачи од Словенија, Србија и Унгарија, македонските возачи демонстрираа квалитет и покажаа дека и покрај малото меѓународно искуство можат да бидат рамо до рамо со конкурентите.

Поврзани вести

Back to top button