fbpx

Македонска премиера за Škoda Enyaq

Електричниот SUV Škoda Enyaq отсега е достапен и на македонскиот пазар, а на купувачите им нуди серија на опции за персонализација

Škoda Enyaq ја доживеа својата македонска премиера. Електричниот SUV на чешкиот производител бележи одлични резултати ширум Европа, а сега пристигнува и на македонскиот пазар каде ќе се нуди во неколку варијанти. Препознатливиот комфорт и практичност на чешкиот бренд, надополнет со докажаниот електричен погон и батеријата која нуди одличен опсег на движење, се доволни адути за Enyaq да стане омилен и на македонскиот пазар.

Купувачите ќе имаат можност да го персонализираат својот Škoda Enyaq со серија опции, почнувајќи од двете каросериски изведби (SUV и Coupe SUV), преку четирите различни нивоа на опременост како Clever, Plus, Advanced и Maxx, па се до дизајнерските пакети кои се четири на број (Lodge, Lounge, Suite и Eco Suite), кои нудат различен амбиент и уникатност кои ветуваат дека ќе задоволат сечиј вкус, додека на врвот на понудата се наоѓа Enyaq Sportline.

Цените на македонскиот пазар стартуваат од 53.490 евра за „обичниот“ Enyaq, односно 55.620 евра за Coupe верзијата. За Sportline варијантата, купувачите ќе треба да издвојат 60.310, односно 62.070 евра за Enyaq Coupe. Како дел од стандардниот дел од опремата, купувачите уште на стартот ги добиваат, меѓу другото, сите безбедносни системи кои се достапни кај сите верзии, LED предни и задни светла, 13-инчен Amundsen екран наменет за инфозабавата, двозонски клима уред, панорамски покрив, сензори и камера за паркирање, адаптивен темпомат, 5,3-инчен дигитален инструмент кластер и ред други додатоци.

Škoda Enyaq

Кога станува збор за погонските спецификации, вреди да се истакне дека Enyaq за 2024 година добива поефикасна батерија која има капацитет од 82 kWh и овозможува опсег на движење од 565 километри. Исто така, електричниот SUV располага со погон на задните тркала како стандард, а како опција тука е верзијата 85x со погон на сите тркала.

За повеќе информации посетете го продажниот салон на Škoda во Скопје, или официјалната веб-страница.

Поврзани вести

Back to top button