fbpx

Škoda Enyaq Coupe iV официјално дебитира

Чешката марка Škoda ја претстави новата варијанта на својот целосно електричен кросовер која го носи името Enyaq Coupe iV

Škoda премиерно го претстави Enyaq Coupe iV, купе верзијата на својот целосно електричен кросовер. Со својот покрив во купе стил, новата варијанта исто така додава и моќност во поставата со воведувањето на спортскиот RS бренд на компанијата во поставата на електричниот кросовер.

Enyaq Coupe iV ќе се нуди во три нивоа на опременост, а новиот кросовер базиран на MEB платформата добива унапредена аеродинамичка ефикасност благодарение на покривната линија. Поради својата форма, електричниот кросовер добива коефициент на отпор од 0.234, што е унапредување во однос на стандардниот модел. Комбинирано со пониската тежина на возилото, тоа значи и поголем опсег на движење.

Во најниското ниво на опременост, RWD Enyaq Coupe iV 80, 82 kWh батеријата му овозможува на возилото да помине 545 километри со едно полнење според WLTP циклусот, што е за 14 километри повеќе од Enyaq iV 80. Неговиот единечен електромотор испорачува 204 КС.

Škoda Enyaq Coupe iV 80x и Enyaq Coupe iV RS добиваат втор електромотор кој им овозможува погон на сите четири тркала. Во случајот кај Enyaq Coupe iV 80x, двата електромотори испорачуваат вкупно 365 КС.

Škoda Enyaq Coupe iV

Enyaq Coupe iV RS, првиот електричен RS на Škoda

Најмоќниот RS трим, пак, може да испорача 299 КС и 460 Nm, што овозможува спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за само 6,5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 179 километри на час. Моќниот RS модел заедно со спортскиот Enyaq Coupe iV SportLine трим добиваат оптимизирана спортска шасија. Поставени се 15 милиметри пониско на предниот, односно 10 милиметри пониско на задниот дел во однос на стандардниот модел.

Škoda Enyaq Coupe iV

Двата модели добиваат стандардни 20-инчни тркала, додека 21-инчни тркала се нудат како опција. Тука се и аеродинамички оптимизираните пластични детали на екстериерот, заедно со сјајно црниот трим околу решетката, прозорите и задниот дифузер. Како што е и кај сите останати RS модели, така и Enyqa Coupe iV RS добива црвен рефлектор кој се протега по целата должина на задниот браник.

Сите нивоа на опременост доаѓаат со панорамски стаклен покрив кој се протега на целата горна површина на возилото, спојувајќи се елегантно со задниот прозорец. Панорамскиот покрив кај Enyaq Coupe iV е потенок во однос на стандардниот покрив, а со тоа нуди и поголем простор за главите на патниците, со што до некаде се компензира за купе покривната линија.

Доволно простор во кабината

Ентериерот на стандардната верзија е опремен во рециклирани материјали, додека SportLine моделот добива спортски црн ентериер. RS моделот, пак, добива спортски седишта со црна перфорирана кожа и контрастни конци. Контролната табла исто така е финиширана во кожен материјал како седиштата, а тука е и карбонскиот трим низ кабината.

Škoda Enyaq Coupe iV

Сите модели доаѓаат со 5,3-инчен инструмен кластер и 13-инчен централен екран на допир, а и покрај тоа што добива специфична купе форма, патниците сепак ќе имаат доволно простор за комфорни патувања. Исто така Škoda Enyaq Coupe iV добива и багажник со 570 литри, што е за 15 литри помалку во однос на стандардната верзија.

Škoda Enyaq Coupe iV

Нарачките на Škoda Enyaq Coupe iV на одредени пазари започнува од следниот месец, а деталите околу цените се уште не се објавени.

Поврзани вести

Back to top button