fbpx

Mansory со светска премиера на Cabrera

Тјунерската куќа Mansory го претстави моделот Cabrera кој е базиран на Lamborghini Aventador SVJ и е ограничен на само три примероци

Mansory дефинитивно е една од оние тјунерски куќи кои можат веќе екстравагантно стилизираните суперавтомобили да ги направи уште поексклузивни. Ограничена на само три примероци, Cabrera е комплетна тјунинг програма насочена кон лимитиран круг на купувачи. Под мотото „Еден автомобил по деценија“, Cabrera со светската премиера го означува почетокот на неколку специјални едиции по повод 30-годишнината на Mansory.

Cabrera своето име го добива од шпанскиот вид на борбен бик, кој со својата моќност и див темперамент е инспирација за Mansory во создавањето на нивниот автомобил. Од германската тјунерска компанија напоменуваат дека и целосно редизајнираната каросерија потсетува на борбен бик во напаѓачка позиција. Тука станува збор за многу повеќе од само додавање на карбонски body kit и нови тркала. Имено, Mansory разви нови LED предни светла за V12 „ѕверката“ на Lamborghini. Кластерите со четири точки надополнети со LED светлечки ленти на предниот браник ја прави Cabrera да изгледа значително поинаква од стандардниот Aventador SVJ. На задната страна, специјално изработениот издувен систем испушта четири масивни издувни цевки како знак дека ова е далеку од еден обичен преработен автомобил.

Темелно преработената каросерија сега е четири сантиметри поширока од претходно и пристигнува со лесна хауба која е направена целосно од карбон. Предницата е опфатена со вентилирачки браници кои дополнително ја разликуваат Cabrera од стандардниот SVJ, исто и како и истакнатиот разделник кој е дел од ново развиениот aero kit.

Mansory Cabrera пристигнува во само три примероци

Оваа „ѕверка“ е поставена на 20-инчни тркала напред, односно 21-инчни тркала на задната страна кои пристигнуваат со специјални Pirelli P Zero гуми. Автомотилот пристигнува во Vento Verde боја која се надополнува со силната нијанса на зелена боја во внатрешноста која е обвиена во алкантара и кожа.

Како регуларниот Lamborghini Aventador SVJ да не беше доволно моќен со своите 759 КС и 720 Nm максимален вртежен момент, од Mansory одлучија да го засилат 6,5-литарскиот агрегат до речиси 810 КС и 780 Nm. Благодарение на ова, високо перформансниот автомобил сега од нула до „стотка“ стигнува за 2,6 секунди. Максималната брзина е за нијанса зголемена од 350 на 355 километри на час.

Од Mansory не соопштуваат колку ќе чини задоволството да се добие еден од трите модели на Cabrera.

Поврзани вести

Back to top button