fbpx

McLaren го претстави специјалниот 720S Le Mans

McLaren за 50 најсреќни купувачи подготви специјална верзија на 720S наречена Le Mans Special Edition во чест на 25 години од победата на 24 часа Ле Ман

Навистина е мал бројот на автомобилски компании кои можат да се пофалат со достигнувањето дека нивните автомобили веќе во првиот обид на славната трка на издржливост 24 часа Ле Ман прешле најмногу километри и стигнале до победата во генералниот пласман. Со овој податок се гордеат во McLaren, откако во 1995 година нивниот модел F1 GTR кој го управуваа Јаник Далмас, Масанори Секиja и Џеј Џеј Лехто заврши на првото место.

Во рамките на одбележувањето на 25 години од триумфот, McLaren за 50-те најсреќни купувачи подготви модел 720S Le Mans Special Edition. Само 14 примероци ќе им бидат понудени на купувачите во Европа, а зад овој 720S LM, кој се разликува во однос на стандардниот модел по деталите инспирирани од неколку трки, стои одделот MSO (McLaren Special Operations).

720S LM пристигнува со голем број додатоци

Автомобилот ќе се понуди во две бои на каросеријата – McLaren портокалова и Sarthe сива – а во кабината на суперспортскиот двосед доминира темна нијанса на алкантара со фрагменти во сива или портокалова боја. Без оглед на бојата која ќе се избере, секој специјален модел исто така ќе добие пониско поставен преден браник, заден браник со финиш во Ueno сива боја и „McLaren 25 anniversary Le Mans“ лого на долниот страничен дел. Како дел од стандардната опрема се и карбонските седишта кои McLaren инаку ги нуди како опција, а тука се и уникатните LM тркала со пет краци, сопирачки во златна боја, како и карбонски предни крила. Од McLaren исто така истакнуваат дека секој автомобил ќе биде нумериран со 298 како потсетување на бројот на кругови од страна на F1 GTR при победата во Ле Ман.

McLaren 720S Le Mans се напојува со истиот агрегат како и стандардниот модел. Зад грбот на возачот и совозачот и понатаму се наоѓа монструозниот 4,0-литарски V8 битурбо мотор кој испорачува 720 КС, што е доволно за забрзувањето од 0 до 100 km/h да се достигне за 2,9 секунди, а максималната брзина изнесува 340 километри на час.

За ова специјално дело на McLaren посветено на победата во Ле Ман треба да се издвојат 284.771 евро.

Поврзани вести

Back to top button