McLaren и Gulf ја обновија врската со 720S

По нивното ново обединување минатата година, по соработката која ја имаа во сферата на мотоспортот, McLaren и Gulf повторно го слават своето партнерство

Британскиот производител McLaren и компанијата Gulf минатата година повторно започнаа своја соработка, откако претходно имаа успешна колаборација во периодот од 1968 до 1973 година во Formula 1, како и во текот на 90-тите години со легендарниот F1 GTR. Сега, двете компании го слават своето партнерство со специјалниот модел 720S „облечен“ во легендарните тркачки бои на Gulf.

McLaren Gulf

Проектот пристигнува од McLaren Special Operations (MSO) дивизијата, а на работниците им биле потребни 20 дена за да го офарбаат автомобилот рачно. Покрај сините и портокалови нијанси кои се користени на екстериерот, британскиот суперавтомобил се одликува и со портокалови шапи на сопирачките и соодветен ентериер каде се наоѓаат неколку логоа на Gulf.

„McLaren и Gulf имаат соработка која датира уште од 1968 година и е едно од најпознатите и најуспешни партнерства. Ние сме горди што соработуваме тесно со McLaren Special Operations за да ги прикажеме етаблираните тркачки бои на Gulf на новиот 720S. McLaren е бренд кој ги споделува нашите идни аспирации и нашата амбиција за иновативност и се радуваме на развојот на нашето партнерство во годините кои доаѓаат“, изјави извршниот директор на Gulf, Мајк Џоунс.

Само ограничен број на клиенти ќе имаат можност да го добијат својот McLaren 720S суперавтомобил рачно офарбан во „тркачката униформа“ на Gulf.

Инаку, 720S е еден од најбрзите суперавтомобили кои постојат во моментов. Спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за само 2,9 секунди, а максималната брзина изнесува 341 километри на час. Моделот се напојува од битурбо 4,0-литарски V8 кој испорачува 720 КС и 770 Nm максимален вртежен момент.

Поврзани вести

Back to top button