fbpx

Mercedes-AMG го претстави новиот SL

Mercedes го обнови легендарниот SL модел по седми пат во речиси 70-годишната историја, а ова издание на AMG добива некои драстични промени

Едно од најдолговечните имиња во портфолиото на Mercedes, моделот SL е присутно на пазарот речиси 70 години. Сега на ред дојде и новата R232 генерација која претставува драстично отстапување во однос на претходникот и пристигнува со радикални промени. Почнувајќи од платформата, преку дизајнот, па се до технологијата, новиот Sport Leicht ја реосмислува формулата за успешен и посакуван роудстер.

Служејќи како замена и за GT Roadster, новиот SL повеќе не е модел на Benz, туку ќе се продава ексклузивно како AMG. Стилот на новата генерација го следи најновиот дизајнерски јазик на компанијата со поостар екстериер, заедно со препознатливата Panamericana решетка од чии страни се наоѓаат аголните фарови, слични како оние кај CLS.

Драстични промени

Со своите 4.705 милиметри должина и 2.700 милиметри ширина, новиот SL е за 74 милиметри подолг од претходникот и е поставен на меѓуоскино растојание кое е 115 милиметри подолго од претходно.

Измазнетиот страничен профил добива прикриени рачки за вратите како кај новата S-Класа, а наместо металниот, сега тука е платнениот покрив со три слоја, со што инженерите откинаа 21 килограм од вкупната тежина. Покривот може да се собере за 15 секунди при брзина до 50 километри на час, а со тоа што е значително полесен од претходно, намалено е и самото тежиште, што влијае на подобрата управливост.

На задниот дел се наоѓа издувниот систем со четири завршетоци, а меѓу нив се наоѓа дифузерот кој потсетува дека станува збор за високо перформансен AMG модел. Широките задни светла придонесуваат за атрактивниот изглед, а активниот заден спојлер е одлично интегриран во задната врата и пристигнува со шест поставки. Mercedes-AMG ќе го нуди новиот SL со опционален аеродинамичен пакет со понагласени отвори за воздух на двата браници, активен аеро систем во предното подвозје и поголем заден дифузер.

Луксуз во ентериерот

Ентериерот е обложен со кожа и поседува четири седишта, а исто така го добива и најновиот MBUX инфозабавен систем кој добива голем екран со големина од 11,9 инчи кој може да се навалува нанапред за полесно користење. Нему му се приклучува 12,3-инчниот целосно дигитален инстрмент кластер, како и head-up екранот со проширена реалност.

Како што може да се очекува од луксузен кабриолет на Mercedes, Airscarf системот за греење со отвори вградени во предните потпирачи за глава пристигнува како стандарден дел од опремата на новиот SL. Ќе се нуди со AMG Performance управувач и избор меѓу стандардни електронски подесувачки AMG спортски седишта, или опционалните AMG Performance седишта. Една од главните промени е додатокот на две мали задни седишта кои можат да прифатат лица со висина не поголема од 1,5 метри, што значи дека е исклучително лимитирано.

Она што е исто така интересно е што SL за првпат досега ќе се нуди со погон на сите четири тркала, конкретно со 4Matic+ поставката со варијабилна дистрибуција на максималниот вртежен момент и електромехенички контролирано квачило кое ги поврзува перманентно придвижуваната задна оска со предните тркала. Моќноста на моторот се канализира на патот преку деветстепен автоматски менувач.

Мотори во согласност со очекувањата

Со оглед на тоа дека станува збор за Mercedes-AMG модел, секој мотор во поставата на SL ја заслужува оваа ознака. Имено, при лансирањето, новата генерација на SL ќе се нуди со две различни моќности од 4,0-литарскиот V8 битурбо мотор. Помоќната, SL 63 4Matic + пристигнува со 585 КС и 800 Nm максимален вртежен момент. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 3,6 секунди, а максималната брзина е 315 километри на час. Од друга страна, нешто послабиот SL 55 4Matic+ доаѓа со 476 KС и 700 Nm. Спринтот од место до „стотка“ го достигнува за 3,9 секунди, а максималната брзина е 295 километри на час.

Дополнителни погонски опции ќе бидат додадени со текот на времето, вклучително и plug-in хибридна верзија и веројатно V6 со блага хибридна технологија.

Од Mercedes-AMG во моментов не ги откриваат цените и достапноста на новиот SL.

Поврзани вести

Back to top button