Mercedes-AMG GT 63 E Performance добива освежен изглед
Mercedes-AMG GT 63 E Performance го задржува истиот 4,0-литарски битурбо V8 хибриден погон со 831 КС
Mercedes-AMG GT 63 S E Performance 4-Door ги има едни од највпечатливите перформанси меѓу седаните кои се наоѓаат во продажба во моментов, а со цел да остане конкурентен на пазарот, добива неколку освежувања за моделската 2024 година. Продажбата на ажурираниот модел веќе започна во Германија со цени кои почнуваат од 207.708 евра.
Во освежувањето на водечката верзија на GT 4-Door, Mercedes-AMG зеде инспирација од втората генерација на GT Coupe. Како таков, моделот има мноштво елементи инспирирани од купе верзијата, кои вклучуваат ревидирана решетка со вертикални шипки и елемент во основата обоен во сјајно црна боја. Автомобилот ги отфрла големите предни доводи за воздух од актуелниот модел во корист на посуптилните вертикални жабри. Ажурирани се и фаровите, а моделот од 2024 година сега може да биде обоен во Opalite White боја.
Некои промени се направени и во внатрешноста на Mercedes-AMG GT 63 S E Performance 4-Door, но тие се мали. На пример, електричниот сончев покрив и безжичниот полнач за паметни телефони меѓу задните седишта сега се стандарден дел од опремата, додека производителот на автомобили го ажурираше и својот мултимедијален систем MBUX. Овој ревидиран систем MBUX има нови дисплеи специфични за AMG и функции што се конфигурираат поединечно.
Купувачите, исто така, ќе имаат причина за задоволство со оглед на тоа дека моќниот систем за опкружувачки звук Burmester сега доаѓа стандардно со Dolby Atmos, како и опционалниот систем за опкружувачки звук Burmester High-End 3D.
Опционални пакети
За седанот се достапни и мноштво опционални пакети. Тука спаѓаат пакетот AMG Aerodynamics, AMG carbon надворешен пакет, AMG хромиран надворешен пакет, AMG Night надворешен пакет и AMG Night пакет II. Купувачите можат да го нарачаат и новиот модел со AMG Performance седишта и пакет од високата класа на задните седишта.
Не се направени никакви измени на погонската единица на автомобилот. Според тоа, моделот и понатаму го има истиот 4,0-литарски V8 со битурбо поврзан со хибриден систем што создава комбинирани 831 КС и 1.400 Nm вртежен момент. Моќта се испраќа преку сите четири тркала благодарение на деветстепениот менувач AMG Speedhift MCT.