Најмоќниот Land Cruiser 300 конечно пристигнува во Европа

Toyota го носи најмоќниот Land Cruiser 300 Hybrid, но само во одредени делови од Европа, со 457 КС, хибриден V6 погон и врвни оф-роуд способности

Toyota тивко, но значајно ја проширува европската понуда на својот легендарен теренец. Најмоќната верзија досега, Land Cruiser 300 Hybrid, официјално ќе се продава во одбрани пазари во Источна Европа, откако минатата година дебитираше на Блискиот Исток. Станува збор за важен чекор, иако моделот и понатаму останува недостапен за поголемиот дел од Западна Европа.

Во земјите како Германија, Франција или Велика Британија, купувачите и натаму ќе мора да се задоволат со луксузниот Lexus LX или со помалиот Land Cruiser 250, додека класичниот, рамски Land Cruiser 300 сè уште е „забранета зона“.

Хибрид со двоен турбо V6 и електричен удар

Land Cruiser 300 Hybrid е официјално најмоќниот Land Cruiser во историјата. Комбинираната моќност изнесува 457 коњски сили и импресивни 790 Nm вртежен момент, резултат на спојот меѓу 3,5-литарски V6 битурбо бензинец и електромотор. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 10-степен автоматски менувач.

Според Toyota, оваа „performance hybrid“ конфигурација нуди до 40 проценти подобро забрзување во споредба со дизелската верзија со 3,3-литарски V6 мотор. Електромоторот не само што ја подобрува реакцијата на гаста, туку овозможува и тивко електрично возење при мали брзини, до 30 km/h, напојувано од никел-метал хидридна батерија.

Toyota Land Cruiser 300 Hybrid

Вистински теренец, без компромиси

И покрај електрификацијата, Toyota инсистира дека теренските способности остануваат недопрени. Батеријата е сместена во водоотпорно куќиште, што овозможува длабочина на газење до 700 милиметри – идентично како кај класичната верзија.

Хибридниот Land Cruiser 300 доаѓа и со електричен серво управувач за подобра прецизност, додека целата армија на off-road системи е задржана. Тука се Multi-Terrain Select, Crawl Control, Downhill Assist Control и Multi-Terrain Monitor, што го прави подеднакво подготвен за пустина, кал, снег или карпи.

Toyota Land Cruiser 300 Hybrid

Три нивоа на опрема за Европа

За европските пазари се предвидени три нивоа на опрема – VX, ZX и GR Sport, сите исклучиво со пет седишта. Основниот VX веќе нуди богата сериска опрема со 18-инчни тркала, електрична задна врата, целосни LED светла, два 12,3-инчни екрани, JBL аудиосистем со 14 звучници, четиризонска клима, греан волан, електрични предни седишта и 1500W AC приклучок.

Средното ниво ZX додава адаптивна суспензија, head-up дисплеј, селектор за режими на возење, задна блокада на диференцијал и уште повеќе технологија, додека GR Sport ја нагласува теренската ДНК со поагресивен изглед, специјални браници, фелни и напредниот e-KDSS систем кој овозможува максимална артикулација на тркалата при тешки терени.

Каде и кога ќе се продава?

Toyota потврдува дека продажбата на Land Cruiser 300 Hybrid во „одбрани источноевропски пазари“ започнува во јануари 2026 година, но без прецизирање на конкретни земји. Цените за Европа сè уште не се објавени, но за споредба, во Обединетите Арапски Емирати моделот стартува од околу 106.000 долари.

Ова, всушност, не е прво појавување на серијата 300 во Европа. Од 2021 година наваму, моделот официјално се продава во земји како Украина, Грузија, Азербејџан и Ерменија, а веќе е потврдено дека хибридната верзија ќе пристигне и во Австралија во првата половина од 2026 година.

Со оваа хибридна офанзива, Toyota јасно покажува дека дури и најтврдокорните теренци мора да се прилагодат на новата електрифицирана реалност – но без да ја изгубат суштината поради која станаа легенди.

Поврзани вести

Back to top button