Mercedes додаде нов модел во поставата на CLA
Најновиот додаток во поставата на Mercedes CLA, моделот 220 Hybrid, носи хибриден погон кој ќе нуди до 208 КС моќност и подобра ефикасност

Mercedes-Benz ја проширува понудата на компактната лимузина со новиот CLA 220 Hybrid, кој ќе се продава паралелно со целосно електричната верзија. Надворешно, моделот речиси целосно се поклопува со електричниот CLA, а под хаубата се наоѓа 1,5-литарски турбо бензински мотор со четири цилиндри и висок степен на компресија од 12:1.
Она што е исто така интересно е дека официјално моторот е развиен од страна на инженерите на Mercedes, а кинески извори пренесуваат дека тој ќе биде произведен од компанијата Horse Powertrain (компанија која веќе произведува мотори за други европски и глобални брендови) и дека истиот ќе се произведува во Кина.

Фокус на ефикасност и тивка работа
Бензинскиот агрегат работи по Miller-ов циклус, со алуминиумски блок и специјална Nanoslide обвивка на цилиндрите, наменета за намалување на триењето и зголемување на издржливоста. Дополнително, Mercedes вложил сериозен напор во звучната изолација, со дополнителни изолациски елементи околу моторниот простор, А-столбовите и подот, со цел хибридниот CLA да остане тивок и рафиниран при возење.
Перформанси и електрична поддршка
Бензинскиот мотор е комбиниран со електромотор интегриран во осумстепен менувач со двојна спојка, како и со 48-волтен литиум-јонски батериски пакет со капацитет од 1,3 kWh. Благодарение на оваа конфигурација, автомобилот може да се движи само на електрична енергија при брзини до 96 km/h, а при кочење системот може да рекуперира до 25 kW.
Вкупната системска моќност изнесува 208 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 km/h трае 7,1 секунда, додека максималната брзина е ограничена на 209 km/h. Масата на возилото изнесува 1.630 килограми.

Препознатлив ентериер со мали измени
Во внатрешноста, CLA 220 Hybrid нуди позната атмосфера. Сите верзии доаѓаат стандардно со фиксeн панорамски стаклен покрив, додека како опција е достапен и Superscreen системот со три екрани, 10,25-инчен инструментален дисплеј, 14-инчен инфозабавен екран и дополнителен 14-инчен екран пред совозачот.
Новитет е и редизајнираниот управувач, кој на прв поглед изгледа познат, но сега добива физички ролер за контрола на јачината на звукот и класичен прекинувач за темпомат, наместо претходните целосно хаптички контроли.

Германски имиџ, глобална реалност
Новиот хибриден CLA јасно покажува дека автомобилската индустрија станува сè поглобална, а со овој модел се покажува дека дури и традиционалните германски брендови сè почесто се отвораат кон светот кога станува збор за производство на погонските системи. Така, соработката на бренд како Mercedes-Benz со се повеќе глобални производители јасно укажува на тоа дека границите во модерната авто-индустрија полека се бришат.








