Mercedes ги отстранува караваните од својата постава
Mercedes ја планира идна постава на модели да ја понуди без класичните каравани, што претставува сериозно отстапување од досегашните практики
Иако караваните се неизоставен дел од гамата на Mercedes веќе со децении, германскиот производител наводно загуби доверба во ваквата каросериска изведба и ќе ги отфрли од својата постава до 2030 година. Ова го пренесува Automobilewoche, кој исто така додава дека CLA Shooting Brake ќе исчезне од поставата на Mercedes во 2025 година и нема да има свој директен наследник. E-Класата наводно ќе биде последниот модел кој ќе има ваква каросериска изведба, но до 2030 новата E-Класа ќе пристигне без караван во своето портфолио.
Овој потег доаѓа откако Mercedes одлучи да ја рационализира својата понуда поради големите инвестиции кои ги прави во производството на електрични автомобили. Со оглед на тоа дека германската марка вложува големи суми на пари во развојот на целосно нови платформи кои ќе им помогнат да бидат конкурентни на пазарот во иднина, караваните ќе го платат данокот и ќе бидат исфрлени од игра.
Според извештајот, Mercedes работи на алтернативи кои ќе ги понуди со цел да ги задоволи клиентите кои сакаат нешто попрактично и предлага дека кросовер изведба на SUV и седан би можело да биде решението. Комбинирањето на предностите на SUV моделите со дизајн на седан, возилото може полесно да ги сокрие батериите и нуди поголема пространост која клиентите ја бараат денес.
Овие најави се малку изненадувачи, особено поради фактот што Porsche успешно создаде караванска изведба на својот прв електричен автомобил – Taycan Cross Turismo. Но, како што напоменува Automobilwoche од свои корпоративни извори, Mercedes сака да се фокусира на каросериски изведби кои ќе имаат поголем потенцијал во иднина.