fbpx

Минхен 2023: Mercedes ја претстави новата E-Класа All-Terrain

Новата Mercedes-Benz E-Класа All-Terrain дебитира како караван со погон на сите тркала за оние кои сакаат нешто различно од SUV

Mercedes ја покажа целосно новата E-Класа All-Terrain, модел кој стигнува во својата втора генерација.

Додека SUV моделите се исклучително популарни во последната деценија, All-Terrain е свежина за оние кои бараат нешто малку поинакво. Со стандарден погон на сите тркала, дополнително растојание од 46 мм и воздушен систем на потпирање Airmatic, целосно новиот All-Terrain ќе продолжи да се бори со моделите како Audi A6 All-Road и Volvo V90 Cross Country.

Европските потрошувачи ќе можат да земаат примероци од три варијанти, вклучувајќи четирицилиндричен благ хибриден дизел (E 220d), бензинецот со шест цилиндри (E 450) и четирицилиндричниот дизел plug-in хибрид (E 300de).

Mercedes-Benz E-Класа All-Terrain

Шестцилиндричниот бензинец E 450 се одликува со 381 КС и 500 Nm вртежен момент помеѓу 5.800-6.100 вртежи во минута. Тоа е доволно за забрзувањето од место до стотка да се достигне за околу четири и пол секунди што го прави најбрз во поставата. Максималната брзина е електронски ограничена на 210 километри на час.

Од друга страна, двете дизел варијанти пристигнуваат со 2,0-литарски мотор со четири цилиндри, кој развива 197 КС. Преведено во бројки, тоа значи дека забрзувањето до „стотка“ одзема 8,1 секунди кај почетниот E 220d.

Но, кога се комбинира со електричниот мотор во E 300de, моќноста скокнува до 308 КС и 700 Nm. Тоа е доволно за E 300de да забрза од 0-100 км/ч за 6,9 секунди. Plug-in хибридниот E 300 de исто така ја има предноста што може да патува 102 километри на струја.

Алтернатива на нормата

E-Класа All-Terrain ја зема својата основна форма од караванската E-Класа, но постојат уникатни измени во дизајнот за да се разликуваат двете верзии.

На пример, All-Terrain се одликува со уникатна предна решетка, специјални браници, високо-сјаен хромиран преден и заден штитник за подвозјето и темно сиви пластични инсерти на сводовите над тркала.

Со оглед на неговото име и намена, E-Класа All-Terrain пристигнува со дополнително растојание од 46 милиметри од подлогата. Воздушното потпирање е стандардно, а при брзини над 120 км/ч, автомобилот се спушта за 15 мм заради аеродинамичка ефикасност. Стандардни во понудата се 18-инчни 8 J тркала на 235/55 R 18 пневматици, а како опција може да се изберат тркалата од 19 и 20 инчи.

Димензиите остануваат во голема мера исти како и кај караванот, но тој е поширок од седанот. Mercedes-Benz E-Класа All-Terrain има ширина од 1.904 мм, висина од 1.497 мм и должина од 4.950 мм.

Во споредба со актуелниот All-Terrain, тоа е за 28 мм поголема ширина, додека меѓуоскиното растојание е растегнато за 22 мм до 2.961 мм.

Оф-роуд способности и практичност

Погонот на сите тркала на Mercedes 4Matic е стандарден за All-Terrain моделите и, заедно со Airmatic, е поврзан со програма за возење надвор од патот. Иако не се дадени многу повеќе информации, Mercedes вели дека растојанието од подлогата се одржува константно и покрај промените во тежината, благодарение на воздушната суспензија. Покрај тоа, секој амортизер работи независно за да се прилагоди на постојните услови на патот и да обезбеди минимизирање на преносот на удари во кабината.

Има и таканаречена „проѕирна хауба“ слична на онаа што се наоѓа кај моделите на Land Rover. Користејќи ги камерите од 360 степени, системот користи задоцнета слика на она што штотуку сте го поминале за да ја спои сликата на она што се наоѓа под хаубата како слика на екранот за инфозабава.

Покрај карактеристиките за лесен оф-роуд, треба да се спомене и практичноста што се нуди. Капацитетот на багажникот изнесува од 615 до 1.830 литри (кај plug-in хибридниот модел е 460–1.675 литри поради батеријата), при што задните седишта се преклопуваат со поделба 40:20:40.

All-Terrain сега доаѓа со опционален екран за совозачот, а има дури и опција за селфи/видео камера што се наоѓа на врвот на контролната табла. И, ако тоа не е доволно, има апликации од типот на TikTok до Angry Birds вметнати во софтверот.

Цените ќе бидат објавени подоцна, а во продажните салони E-Класа All-Terrain се очекува да пристигне текот на првиот квартал од 2024 година.

Поврзани вести

Back to top button