Mercedes-Maybach S Класа тивко ја доби својата V12 верзија
Mercedes-AMG S65 повеќе не постои, но V12 верзијата продолжува да постои преку Maybach верзијата на луксузниот седан која дебитираше минатата година
По премиерата на Mercedes-Benz S Класа, набрзо беше претставена и ултра луксузната Maybach варијанта со V8 мотор. Сега, тивко и без многу помпа, Mercedes ја додаде и опцијата со V12 мотор во понудата. Луксузниот автомобил ја задржува истата двобојна каросерија и изобилие на хромирани додатоци како и V8 моделот кој беше претставен во ноември 2020 година, но со поелегантни тркала со повеќе краци.
Исто така, Mercedes-Maybach S680 со V12 мотор добива и неколку суптилни промени во однос на стандардната Maybach S Класа. „V12“ беџовите се поставени над предните крила, а на задната страна се наоѓа и „S680“ логото. Кога станува збор за спецификациите, луксузниот адут на Daimler пристигнува со битурбо 6,0-литарски агрегат и деветстепен автоматски менувач.
Масивниот V12 мотор испорачува 612 КС и му помага на Maybach S680 да го достигне спринтот од нула до „стотка“ за само четири и пол секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.
Mercedes-Maybach S680 пристигнува со 4Matic погон на сите четири тркала, наместо да ја испраќа сета моќност на задните тркала како што беше случајот со старата S650 и со AMG S65. Сепак, V12 верзијата нема да биде најмоќната S Класа во оваа генерација за долго време бидејќи Mercedes-AMG подготвува две перформансни верзии. Двете се очекува да бидат plug-in хибриди, едната е S63e со околу 710 КС и треба да пристигне до крајот на годинава, додека помоќниот S73e ќе пристигне нешто подоцна и ќе нуди околу 810 КС моќност.
Од друга страна, Mercedes-Maybach S680 ќе биде еден од најскапите автомобили на светот, ако не се сметаат суперавтомобилите и хиперавтомобилите, а цената ќе изнесува околу 310.000 евра.