fbpx

Mercedes откри нови детали за EQS

Првиот целосно електричен седан на Mercedes-Benz, моделот EQS, наскоро ќе ја доживее својата премиера, а во меѓувреме производителот открива дел од деталите

Mercedes-Benz EQS наскоро ќе го забележи своето деби, а до тогаш германската компанија постепено открива детали за својот прв целосно електричен седан. Откако претходно го откри ентериерот на автомобилот, сега на ред доаѓаат и перформансите. Од Mercedes откриваат дека моделот ќе добие барем две трим нивоа – EQS 450+ и EQS 580 4Matic+, со тоа што AMG варијантата ќе пристигне подоцна.

EQS 450+ ќе добие електричен погон кој Mercedes го нарекува eATS и ги напојува задните тркала, а ќе има моќност од 333 КС и 568 Nm вртежен момент. Од друга страна, 4Matic+ ќе има eATS на двете оски и ќе има вкупна моќност од 523 КС и 855 Nm. Станува збор за импресивни бројки, а со оглед на тоа дека се за „обичните“ верзии, AMG варијантата сигурно ќе биде далеку помоќна.

Се уште не е познато дали 450+ ќе добие верзија со погон на сите четири тркала, или пак дали 580 ќе добие погон само на задните тркала. Максималната брзина на сите модели е електронски ограничена на 210 километри на час, веројатно за поголема заштеда на енергијата и зголемен опсег на движење.

Импресивна автономија на движење

Кога станува збор за автономијата, од Mercedes најавуваат дека EQS ќе може да помине 770 километри со едно полнење според WLTP циклусот. Оваа бројка соодветствува со 107,8 kWh батеријата, а ќе биде достапна и помала батерија со капацитет од 90 kWh. Mercedes-Benz EQS може да се полни при 200 kW на брзите полначки станици, а тоа резултира со автономија од 300 километри по само 15 минути полнење.

EQS

Оваа автономија на движење ќе се достигне делумно и поради рекордно нискиот коефициент на отпор на воздух од само 0.20, што го надминува претходниот рекорд за продукциски автомобил од 0.22. Не само тоа, туку помалиот коефициент на отпор исто така помага и за намалување на бучавата во кабината, со намалување на звукот од ветерот.

Поврзани вести

Back to top button