Mercedes развива електрична G Класа која ќе пристигне за неколку години
Mercedes G Класа е еден од најлегендарните SUV возила, а сега е потврдено дека овој модел ќе добие и електрична верзија
Mercedes-Benz G Класа постои повеќе од 40 години што ја прави една од најстарите модели на Daimler кои се уште се во производство и глобална икона. Не само тоа, станува збор веројатно за најиконскиот луксузен SUV кој е познат по својот „коцкаст“ дизајн – дизајн кој не е баш популарен меѓу автомобилските дизајнери ширум светот. Сепак, пред неколку години кога глобалната автомобилска индустрија се најде пред предизвик „да ги убие“ големите теренци и да ги замени со попрактични и градски автомобили, постоеја најави дека G Класата ќе замине во историјата. Сепак, минатата година извршниот директор на Daimler најави дека G Класата ќе продолжи да живее и тоа како електричен автомобил.
„G Класата ги надминува сите сегменти и особено логиката на автомобилската индустрија. G Класата е како еден вид сопствен бренд. Луѓето го сакаат овој автомобил, имавме рекордна продажба минатата година“, изјави првиот човек на Daimler, Ола Калениус.
Од Mercedes потврдија дека работите се веќе започнати
Иако ова е нешто што веќе беше познато, без оглед на се мора да се признае дека станува збор за легендарен модел. Со потврдата дека ќе пристигне G Класа на електричен погон, сите се во исчекување на конкретен датум. Oд Mercedes-Benz соопштија дека започнале со работа на развивање на G Класа, односно на првите скици и концептната верзија на возилото, а Калениус не само што потврди дека работите се започнати, туку и дека електричната верзија ќе пристигне наскоро.
„Да, G Класата ќе добие електрична верзија, веќе започнавме со концептната работа и за неколку години ќе имаме електрична G Класа“, изјави Калениус.
И покрај својата природа на висока потрошувачка, минатата година беше забележан раст на продажбата на G Класата на глобалниот пазар за импресивни 60 проценти, односно продадени беа речиси 35.000 примероци. Со ова е соборен рекордот од 2017 година кога беа продадени 22.000 примероци.
„Донесовме јасна одлука дека модерниот луксуз ќе биде одржлив“, додаде Калениус.