Минхен 2025: Volkswagen го претстави ID. Cross Concept
Новиот VW ID. Cross Concept е компактен електричен SUV со 208 КС, модерен дизајн, практичен ентериер и автономија од 420 километри

Volkswagen ја искористи сцената на IAA Mobility 2025 во Минхен за премиера на три нови електрични модели, меѓу кои и најголемата ѕвезда – концептот ID. Cross. Овој компактен електричен SUV ја најавува сериската верзија што ќе се појави на пазарот следното лето и се очекува да биде еден од најпродаваните модели во гамата на VW.
Со името Cross, овој модел претставува електричен еквивалент на популарниот T-Cross, но освен во концептот – заеднички точки речиси и да нема. ID. Cross е дел од новата фамилија мали ЕВ модели, развиени врз основа на модифицирана предно-погонска верзија на MEB платформата.

Дизајн и димензии
Новиот електричен SUV е долг 4.161 мм, со меѓуоскино растојание од 2.601 мм – речиси идентично на ID. Polo. Висината е зголемена за 58 мм, а практичноста е нагласена со 490 литри багажник и дополнителен мал „frunk“ од 25 литри, што е новина во ID. фамилијата.
Дизајнот се одликува со модерни LED светлосни елементи и уникатни детали како три осветлени правоаголници во C-столбот – инспирирани од легендарниот VW Bus. Моделот добива и 21-инчни тркала со специјално дизајнирани Continental гуми, кои го продолжуваат дезенот на фелната и на страничниот ѕид на гумата.

Современ ентериер со физички копчиња
Во внатрешноста, ID. Cross ја следи филозофијата на концептот ID.2all. Возачот добива дигитален инструментален екран од 11 инчи и централeн таблет дисплеј од 13 инчи. За разлика од претходните модели, Volkswagen конечно враќа физички копчиња за управување со климата и други функции, нешто што ќе им се допадне на корисниците.

Дополнително, автомобилот нуди „calm status“ режим – кога телефонот се поставува со екранот надолу на безжичното полнење, дисплеите го намалуваат прикажувањето на информации само на најважното. Амбиенталното осветлување, текстилните облоги и „Vanilla Chai“ бојата создаваат смирена атмосфера, додека предните и задните седишта можат целосно да се преклопат за да овозможат релаксирање или спиење – потсетувајќи на класичните VW Bus модели.
Погон и автономија
Volkswagen потврди дека ID. Cross ќе има електричен мотор поставен напред, со моќност од 208 КС и погон на предните тркала. Батериските спецификации засега не се откриени, но производителот ветува автономија од 420 километри според WLTP циклусот.
Иако сè уште се води како концепт, сериската верзија ќе биде речиси идентична, со што конкурентите како Kia EV2, Toyota Urban Cruiser, Ford Puma Gen-E и Volvo EX30 ќе добијат сериозна конкуренција.

Почеток на продажба и цена
Volkswagen ID. Cross ќе дебитира на европскиот пазар кон крајот на 2026 година по почетна цена од околу 28.000 евра. Со оглед на практичноста, дизајнот и привлечната цена, експертите предвидуваат дека ќе стане еден од клучните електрични модели на брендот.






































