Муџело влегува во F1 календарот, Имола и Португалија чекаат шанса

Досега оваа сезона има само осум потврдени F1 европски трки, а желбата е во оваа сезона да се одржат барем 15 Гран при трки

Според последните информации, патеката во Муџело би можела да биде уфрлена во F1 календарот и тоа пред почетокот на сезоната, кој е на програмата следниот викенд во Австрија. Според пишувањата на „Кориере дело Спорт“, трката во Муџело би можела да се организира на 13 септември и тоа како Големата награда на Тоскана, само една недела по одржувањето на Големата награда на Италија во Монца.

Оваа вест доаѓа кратко откако Ferrari имаше тест на патеката Муџело со Себастијан Фетел и Шарл Леклер и 2018 SF71H болидот, со цел да се подготват за стартот на сезоната следниот месец. Инаку, патеката е во сопственост на Ferrari, па токму затоа делува изненадувачки што истата би можела да биде вклучена во календарот.

Имола сака да се врати

Но, тоа не е се од Италија. Имено, Имола исто така сериозно се наметнува како место каде може да се одржи Formula 1 трка оваа сезона. Патеката не била домаќин на F1 трка од 2006 година и неодамна беше избрана од страна на AlphaTauri F1 тимот како локација за снимање претходно оваа недела.

„Имола има Formula 1 во својата ДНК и на оваа патека се има случено дел од историјата на F1. Затоа не смее да биде заборавени и мораме да бидеме горди на неа. Гледајќи нанапред, а исто така внимавајќи и на локалната економија во оваа сериозна криза, нашата цел е да ја вратиме елитата на Имола патеката од оваа година“, изјави Уберто Селватико Естенсе, шефот на патеката.

Шефот на Имола лобира за трката да се одржи заедно со трките во Монца и Муџело, со што ќе се добијат три трки во Италија, распоредени во три викенди во низа.

Португалците добиваат F1 трка

Исто така треба да се напомене дека и Португалија е во сериозни преговори за влез во F1 календарот. Имено, Портимао и патеката Алгарве се во преговори и по се изгледа дека и Португалците ќе добијат свое место во Formula 1 календарот сезонава.

До овој момент, поради пандемијата на коронавирусот откажани се трките во Австралија, Азербејџан, Монако, Холандија, Сингапур, Франција, Јапонија, додека оние во Бахреин, Виетнам, Канада и Кина се одложени. Од последните четири најреално е да се возат Бахреин и Кина, со тоа што Бахреин би можел да има две трки, во различни конфигурации на патеката Сахир.

Од трките кои се во втората половина од оригиналниот календар, сериозно се загрозени оние во Бразил, Мексико, Русија и САД, поради тешките ситуации со пандемијата на Covid-19 и сериозните ограничувања во тие држави. Патеката во Мексико дури е претворена во болница на отворено.

Целта е да се одржат најмалку 15 трки во новата сезона, што значи дека покрај Муџело и уште три трки на Истокот, челниците на Formula 1 ќе мораат да пронајдат можност за одржување на уште три гран при трки. Затоа во игра сериозно влегуваат Имола и Алгарве.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close