fbpx

Неверојатен раст – Секој петти ЕВ во Европа е произведен во Кина

Регистрациите на возила од Кина пораснале за 43 отсто во регионот во периодот јануари-февруари во споредба со истиот период минатата година

Кинеската автомобилска индустрија и кинеските автомобили бележат вртоглав раст. Се повеќе брендови од оваа земја го таргетираат европскиот како главен пазар во нивните стратегии. Оттаму, произлегува и прашањето – колку време ќе помине додека производители од Кина ги засенат главните западни производители? Според најновите продажни бројки за европските продажби, автомобилите од кинеско производство сочинуваат еден од секои пет нови електрични возила продадени во февруари. Оттаму, лесно е да се замисли дека кинеското „освојување“ на европскиот пазар ќе се случи порано или подоцна.

Статистиката според која секое петто возило продадено во Европа е од Кина е шокантна, но споредувањето на овогодинешните бројки со минатите години открива некои уште позначителни показатели. Регистрациите на автомобили од кинеско производство во Европа се зголемени за 45 проценти овој февруари во споредба со февруари 2023 година, а дека тоа не е само случајна појава, зголемувањето од јануари до февруари е за нијанса помало и изнесува 43 проценти.

Спектакуларен раст

Навистина, целиот европски пазар на автомобили забележа раст во февруари, но само за 10 проценти, така што ова дефинитивно не е случај на зголемување кај сите производители, што го прави успехот на Кинезите уште позначителен. Додека автомобилите од кинеско производство го зголемуваа својот удел за 45 отсто, оние од Германија и Шпанија, втората и третата најпопуларна земја на потекло за нови автомобили, имаат по 6 отсто поголем дел од уделот отколку што имале минатиот февруари.

Jato Dynamics забележува дека автомобилите произведени во Кина ги надминаа продадените автомобили произведени во Италија, Кореја, Мароко и Романија – сите главни играчи во европската автомобилска индустрија – додека исто така го затвораа јазот помеѓу автомобилите произведени во Турција и Обединетото Кралство.

„Растот делумно се објаснува со активностите преземени од некои кинески ОЕМ за забрзување на увозот пред одлуката на ЕУ за истрагата против субвенциите“, вели Фелипе Муњоз, глобален аналитичар во Jato Dynamics. „Зголемените тарифи би можеле да го забават растот на кинеските автомобили, но како повратен ефект може да ги поттикне и да ги забрзаат своите испораки во Европа“.

И Tesla, Volvo и Dacia се сметаат за „Кинези“

Сепак, она што е интересно и што треба да се истакне е дека 44 отсто од волуменот на автомобилите произведени во Кина биле регистрирани од западните брендови како Tesla, Volvo и Dacia, а дополнителни 40 отсто се однесуваат на продажбата на MG, кои, како и Volvo, се во кинеска сопственост, но сепак се смета од многу купувачи како европска компанија (иако ситуацијата не е иста кај MG како кај Volvo). Намалувањето на оние од равенката резултира со удел од 16 отсто од автомобилите произведени во Кина кои одат на вистински кинески брендови.

Нема сомнение дека бројката дополнително ќе расте бидејќи допрва кинеските брендови започнаа или планираат да започнат ширење на Стариот континент, но Муњоз вели дека западните производители сè уште „простор да здивнат“.

„Кинеските брендови имаат уште многу да поминат пред да заземат значителен дел од европскиот пазар“, вели аналитичарот. „И покрај чекорите што ги направија во однос на перформансите и достапноста, зголемувањето на свеста и менувањето на долгогодишните перцепции ќе потрае“.

Поврзани вести

Back to top button