fbpx

Новата генерација на BMW Серија 4 со официјално деби

Новата BMW Серија 4 официјално го доживеа своето деби, а најголемо внимание привлекува огромната маска од ладилникот

BMW денес и официјално ја промовираше новата генерација на Серија 4 Coupe која во изминатите денови стигна во јавноста благодарение на голем број шпиунски и „протечени“ фотографии. Освен тоа, германскиот производител во септември минатата година на Салонот за автомобили во Франкфурт го претставија Concept 4 кој го најави изгледот на новата „четворка“.

Секако, најголемо внимание и коментари секако предизвикуваат впечатливите предни „бубрези“ за кои голем број фанови на BMW и автомобилски ентузијасти стравуваа и претходно. Останува да се види како на сето ова ќе реагираат купувачите, а глобалното пазарно лансирање на новата Серија 4 ќе се случи во октомври.

BMW 4

Во споредба со Серија 3, новата „четворка“ е 57 милиметри пониска, има 21 милиметри пониско тежиште, 23 милиметри поширок траг на тркалата позади, а се карактеризира и со коефициент на отпор на воздухот од 0.25 (во случајот на кај верзијата 430i). Кога веќе станува збор за димензиите, треба да се истакне дека новата Серија 4 Coupe е долга 4.773 милиметри, широка е 1.852 милиметри, висока 1.387 милиметри и има меѓуосовинско растојание од 2.850 милиметри. Новата Серија 4 навистина наликува на ланскиот Concept 4, а покрај предната маска на ладилникот, треба да се напоменат и адаптивните LED светла и уникатните задни светла во форма на L.

BMW 4

Висока технологија во внатрешноста

Во внатрешноста пристигнува и најновата верзија на BMW iDrive 7.0 инфозабавниот систем со стандардниот 8,8-инчен екран на допир од инфозабавниот систем и 5,1-инчниот дигитален екран позициониран меѓу аналогниот инструмент кластер. BMW како опција нуди и 12,3-инчна инструмент табла која доаѓа во комбинација со 10,25-инчен централен екран од инфозабавниот систем. Автомобилот ќе биде достапен со голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот. Тука треба да се напомене Active Guard Plus кој содржи информации за ограничувања на брзините, систем за предупредување на ненамерно излегување од коловозната лента, предупредување на судир и налет на пешаци, автоматско кочење и така натаму. Како опција доаѓа и Driving Assistant кој нуди активен темпомат со stop&go функција и систем за одржување на возилото во коловозната лента. Тука се и head-up екранот и Intelligent Personal Assistant.

BMW 4

Во гамата ќе се најде и верзијата BMW M4401 xDrive Coupe, која се напојува со 3,0-литарски шестцилиндричен мотор со 374 КС и 500 Nm максимален вртежен момент и заедно со 48V блага хибридна технологија за дополнителни 11 КС. Во пакетот се наоѓа и осумстепениот Steptronic автоматски менувач, додека моќноста се пренесува на сите четири тркала. Тука е и M Sport деференцијалот, како и М Sport кочници и 18-инчни M тркала, а како опција може да се добијат и 19-инчни. Оваа верзија од нула до „стотка“ стигнува за 4,7 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Широка понуда на мотори

Секако, освен оваа верзија, во палетата ќе се најдат и други варијанти, вклучително и со дизел мотори. Така, тука е BMW 420i со 2,0-литарски четирицилиндричен турбо бензинец со 184 КС. Истиот мотор го напојува и BMW 430i, со тоа што во овој случај моторот испорачува 258 КС, а тука еи BMW 420d со 2,0-литарски четирицилиндричен дизел мотор со 190 КС.

BMW ги најави и BMM 430d со 3,0-литарски шестцилиндричен дизел мотор со 286 КС и BMW M440d xDrive со 3,0-литарски шестцилиндричен дизел агрегат кој испорачува 340 КС, а се очекува да пристигне во март идната година. Сите модели пристигнуваат со стандарден осумстепен автоматски менувач.

Подоцна се очекуваат и Серија 4 Cabrio, како и спортскиот M4. Маркус Флаш, шефот на BMW M дивизијата пред неколку дена потврди дека промоцијата на новите генерации на моделите M3 Sedan и M4 Coupe ќе се одржи во текот на септември оваа година. Овие модели ќе се напојуваат со 3,0-литарски twin-turbo шестцилиндрични мотори кои ќе располагаат со до 510 КС, а ќе пристигнат во комбинација со шестстепен мануелен или осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Освен тоа, двата модели ќе бидат достапни во верзии со заден и погон на сите четири тркала.

Во пакетот за новиот M3 и M4 ќе се најде и M aero body kit, односно променет преден браник со поголеми отвори за воздух, пошироки штитници за кал, сет впечатливи прагови, заден дифузор, спојлер на багажникот и така натаму. Тука се и M алуминиумските тркала, спортскиот систем на потпирање, помоќни кочници, спортски издувен систем, спортски седишта и управувач.

Поврзани вести

Back to top button