fbpx

Новата Honda Civic e:HEV дебитира во Европа

Honda ја претстави европската верзија на новиот Civic која е ексклузивно достапна во хибридна верзија со ознаката e:HEV

Јапонскиот производител Honda кон средината на минатата година ја претстави новата генерација на својот популарен модел Civic во седан и хечбек варијанта. Неколку месеци подоцна, конечно пристигна и европската верзија која ќе биде достапна исклучиво со хибриден погон. Honda Civic e:HEV, како што ќе биде називот на европскиот модел, слави 50 години од хечбек изведбата на моделот, а притоа ја комплетира електрификацијата на европскиот опсег.

Honda Civic e:HEV

Она што е многу важно и треба да се истакне уште на почеток е дека e:HEV хибридниот погон на новиот Civic е различен од оној кај помалите Jazz и HR-V и е мошне сличен со оној кај CR-V. Сочинет е од 2,0-литарски четирицилиндерски мотор кој работи на Аткинсонов циклус, два електромотори позиционирани напред и полесна 72-ќелиска литиум-јонска батерија со зголемена густина поставена под задните седишта. Бензинскиот мотор е контролиран од новата единица за контролирање на моќноста што резултира со термална ефикасност од 41 процент. Погонот автоматски се менува меѓу EV, Hybrid и Engine Drive режимите без никакво внесување од страна на возачот, кој пак, има пристап до Eco, Normal, Sport и Individual поставките.

Комбинираната моќност изнесува 184 КС и 315 Nm максимален вртежен момент, кои се испраќаат на предните тркала преку трансмисија со фиксирани степени. Ова го прави хибридот далеку помоќен и со значително поголем вртежен момент во однос на претходникот со 1,5-литарскиот VTEC Turbo. Истовремено, таргетираните CO2 емисии според WLTP се помали од 110 грами по километар, што и помага на Honda да ги пресретне строгите ЕУ емисии.

Без поголеми разлики во дизајнот

Визуелно, европскиот Civic изгледа идентично како оној кој дебитираше минатата година и е наменет за американскиот пазар, со исклучок на рефлекторите на фаровите, отстранувањето на видливите хромирани издувни цевки на задниот дел кои се заменети со црн трим на дифузерот, плус додавањето на e:HEV беџот кој ја нагласува електрифицираната природа на моделот.

Истото се однесува и на кабината со препознатливата шема на контролната табла и 9-инчниот инфозабавен екран на допир со бежични Apple CarPlay и Android Auto компатибилност. Advance нивото исто така пристигнува со 10,2-инчен дигитален инструмент кластер и Bose аудио систем со 12 звучници. Просторот во кабината е зголемен во споредба со претходната генерација благодарение на 35 милиметри подолгото меѓуоскино растојание. Во согласност со стратегијата на Honda, Civic e:HEV пристигнува со Honda Sensing системите за асистенција и безбедност.

Honda Civic e:HEV ќе биде достапен во Европа од оваа пролет, а цените ќе бидат познати кога ќе се наближи датумот на лансирање на пазарот.

Поврзани вести

Back to top button