Новиот Audi Q7 пристигнува со револуционерна технологија

Новиот Audi Q7 дебитира со поагресивен дизајн, напредни Matrix светла, луксузна кабина и револуционерна безбедносна технологија

По повеќе од една деценија, Audi конечно ја претстави третата генерација на својот популарен SUV модел Q7. Новиот Audi Q7 носи значајни промени во дизајнот, технологијата и безбедносните системи, со што германскиот производител сака да остане конкурентен во сегментот на луксузни теренци.

Иако повеќе нема да биде најголемиот SUV во гамата на Audi поради доаѓањето на новиот Q9, новиот Q7 добива бројни премиум карактеристики кои го позиционираат меѓу најтехнолошки напредните модели во класата.

Audi Q7

Помоќен и поагресивен изглед

Во споредба со претходната генерација, новиот Audi Q7 изгледа значително помасивно и посамоуверено. Предниот дел е повисок, крилата се пошироки, а задниот дел добива нагласени линии кои му даваат впечаток на робусност.

Големата предна маска со впечатлива мрежеста структура е дополнета со нови поделени светлосни групи, решение кое веќе го гледаме кај моделите како Audi Q6 e-tron. Меѓутоа, токму светлосната технологија е една од најинтересните новини кај новиот Q7.

Audi Q7

Паметни светла кои комуницираат со околината

Audi воведува напреден систем на интелигентни LED светла кои не само што осветлуваат, туку и комуницираат со другите учесници во сообраќајот.

Светлата можат да проектираат предупредувања на патот при лизгав коловоз, а индикаторите за вртење се проектираат директно на асфалтот за подобра видливост. Дополнително, системот предупредува кога некоја врата ќе биде отворена во близина на велосипедист или друго возило.

Задните светла исто така имаат активна улога. Тие можат да предупредат за несреќа или застој на патот, па дури и да сигнализираат на возилата зад себе кога се движат премногу блиску.

Луксузна кабина со екрани насекаде

Внатрешноста на Audi Q7 речиси целосно го презема дизајнот од поголемиот Q9. Централно место зазема голем закривен OLED екран кој ги комбинира инструментите и инфозабавниот систем, додека совозачот добива сопствен екран.

Посебно внимание привлекува панорамскиот стаклен покрив кој може да стане транспарентен или затемнет во различни секции. Системот ги памети последните поставки и автоматски ги активира при следното стартување на возилото.

Во Велика Британија и САД моделот стандардно доаѓа со седум седишта, додека на останатите пазари основната верзија ќе биде со пет седишта. За првпат е достапна и конфигурација со две индивидуални седишта во вториот ред.

Багажниот простор достигнува до 722 литри со преклопен трет ред, а во одредени конфигурации може да понуди речиси 2.000 литри товарен капацитет.

Audi Q7

Различни мотори за различни пазари

Европските купувачи ќе добијат 3,0-литарски V6 турбодизел мотор со две опции за моќност. Послабата ќе располага со 245 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, додека помоќната варијанта располага со 299 КС и 630 Nm максимален вртежен момент. Моторот е дополнет дополнет со благ хибриден систем, кој располага со електронски напојуван компресор за директна респонзивност на гаста, а додава до 24 КС моќност на целокупниот систем.

Во САД понудата започнува со 2,9-литарски бензински V6 мотор кој развива 429 коњски сили и овозможува забрзување од 0 до 97 km/h за само 4,8 секунди. За љубителите на перформансите тука е и новиот SQ7. Неговиот 4,0-литарски V8 мотор испорачува дури 591 коњска сила, што е доволно за спринт до „стотка“ за само 3,9 секунди.

Audi Q7

Напредна суспензија и автономно паркирање

Новиот Audi Q7 добива адаптивна воздушна суспензија, управување на сите тркала и интелигентен систем кој ги анализира податоците од рутата за однапред да се подготви за нерамнини, железнички премини или други препреки.

Возилото може самостојно да запамети до пет различни паркинг маневри долги до 200 метри и потоа автоматски да ги повторува. Дополнително, може самостојно да се движи наназад на растојание до 50 метри.

Нов безбедносен систем

Најголемо внимание сепак привлекува новиот безбедносен систем кој постојано ја следи состојбата на возачот. Доколку системот забележи дека лицето зад воланот не реагира на предупредувањата, возилото автоматски ќе се префрли во безбеден режим.

Во таква ситуација Audi Q7 самостојно ќе се пренасочи кон безбедна лента или крајот на патот, ќе застане и ќе ги извести итните служби. Оваа функција е дизајнирана за случаи на здравствени проблеми, губење на свест или други ситуации во кои возачот повеќе не може да го контролира возилото.

Новиот Audi Q7 се произведува во Братислава, а цените на германскиот пазар стартуваат од 87.900 евра за послабата, односно 90.500 евра за помоќната варијанта.

Поврзани вести

Back to top button