fbpx

Новиот Renault Zoe со опсег од 400 километри

Новата генерација на електричниот Renault Zoe ќе биде претставена за неколку недели со поголема моќност и возен опсег

Од самото претставување на првата генерација во 2013 година, Renault Zoe стана еден од најпопуларните електрични модели во Европа. Минатата година само во Германија биле регистрирани околу 6.400 примероци, со што претставува најпродаваниот електричен автомобил со пет врати во земјата.

Пред некое време, француската компанија ја претстави новата варијанта со батериски капацитет од 41 kWh и поголема моќност, односно 80 kW. Во однос на опсегот, Renault тврди дека ваквата конфигурација ќе може да обезбеди електричен возен опсег од 316 километри, по новиот, реален WLTP циклус. Следната генерација на електрични мали автомобили треба да дебитира оваа година, со значително поголем опсег и подобрувања во поглед на технологијата за полнење.

Renault Zoe

Новата генерација на Renault Zoe визуелно би требало да се појави како дотерување, бидејќи изгледот на моделот останува речиси идентичен. Дизајнот на малиот електричен автомобил е наследен и базиран на последната генерција на популарниот Clio, кој беше претставен во Женева оваа година. Исто така, присутни ќе се и елементи од Zoe E-Sport, кој го видовме исто така во Женева, но во 2017 година.

Моделот добива редизајниран преден дел со нови светлосни уреди и модифициран заден дел. Како и Clio, и Zoe ќе биде надграден со нови технолошки компоненти и системи за контрола, вклучувајќи дигитални инструменти, систем за предупредување при напуштање на лента и асистент за сообраќаен метеж.

Новиот Zoe повеќе нема да се базира на досегашната платфома на Nissan Leaf. Втората генерација ќе биде изградена врз новата платформа наречена „New Alliance Electric Platform“, која овозможува подршка на батерискиот пакет со поголем капацитет.

Поврзани вести

Back to top button