fbpx

Новиот Suzuki S-Cross пристигна во Македонија

Suzuki кон крајот на минатата година ја претстави новата генерација на S-Cross која сега пристигна и на македонскиот пазар

За првпат претставен во 2006 година, S-Cross влезе во својата трета генерација, а адутот на Suzuki во исклучително конкурентната класа на мали кросовери пристигнува со нов, освежен дизајн и еден куп нови технологии. Сега, новиот S-Cross пристигна и на македонскиот пазар, а уште од старт е впечатлив неговиот одважен изглед со кој кросоверот ќе биде уште поконкурентен во C-SUV сегментот.

Новиот Suzuki S-Cross добива позрел изглед и робусен дизајн, кој се комплементира со неговиот систем за погон на сите четири тркала. На предниот дел се истакнува големата пијано црна решетки, а на двете страни од истата се наоѓаат новите LED фарови. Оф-роуд чувството се истакнува и преку нагласените сводови над тркалата и пластичните облоги за заштита на каросеријата.

На задниот дел новата генерација на S-Cross добива нови светла кои се пошироки во однос на неговиот претходник, а дизајнерите применија и поинаков пристап во дизајнот на браникот за да се нагласи уште повеќе неговиот авантуристички дух. И покрај тоа што е дел од класата на мали кросовери, од Suzuki се потрудија нивниот модел да биде исклучително способен и надвор од градските улици, за што сведочат и заштитните плочи на подвозјето.

Богата опрема

Во внатрешноста се наоѓа новиот 9-инчен инфозабавен екран кој е достапен кај повисоките нивоа на опременост, додека останатите го добиваат помалиот 7-инчен екран. Дел од опремата, зависно од нивото на опременост, се и сателитската навигација, кожните седишта, панорамскиот сончев покрив, греење на седиштата, двозонскиот клима-уред, LED светла и бесконтактен пристап до возилото. Без оглед на нивото на опременост, сите модели имаат систем за препознавање на сообраќајни знаци, адаптивен темпомат и мониторинг на слепа точка.

Под хаубата се наоѓа 1,4-литарскиот турбо бензинец со 48-волтна блага хибридна технологија кој е позајмен од Swift и испорачува 129 КС и 235 Nm максимален вртежен момент. Купувачите можат да бираат меѓу шестстепен мануелен или шестстепен автоматски менувач.

На македонскиот пазар, новиот Suzuki S-Cross се нуди во три нивоа на опременост кои се достапни и со AllGrip опцијата за погон на сите четири тркала. Зависно од тоа, цената почнува од 22.490 евра. За повеќе информации посетете го салонот на Suzuki во Скопје или официјалниот веб-сајт.

Поврзани вести

Back to top button