Новиот Toyota Highlander Hybrid пристигна
Моделот Highlander од оваа година за прв пат е достапен на европските пазари, а големиот SUV пристигна и во продажниот салон на Toyota во Скопје
Toyota Highlander пристигнува во Европа како новитет, а моделот сега е достапен и на македонскиот пазар. Редакцијата на Авто Плус имаше можност да се запознае со големиот SUV на лице место и мораме да признаеме дека станува збор за фасцинантен модел.
Со цел да го приспособи за европскиот пазар, Toyota го редизајнираше својот SUV модел, а во понудата ќе биде позициониран помеѓу RAV4 и Land Cruiser. На Стариот континент, а со тоа и во нашата земја, Highlander ќе се нуди исклучиво како хибриден модел и тоа со четвртата генерација на самополнечка хибридна технологија на јапонската компанија. Овој погон ги комбинира 2,5-литарскиот бензински агрегат со преден и заден електромотор и никел-метална хидридна батерија поставена под вториот ред седишта. Highlander е поставен на TNGA-K платформата и поседува интелигентен погон на сите четири тркала (AWD-i).
Highlander е долг 4.966 милиметри, широк е 1.930, а висок е 1.755 милиметри. Според тоа, овој SUV е подолг и поширок во однос на Land Cruiser, додека меѓуосовинското растојание изнесува 2.850 милиметри.
Исклучиво хибрид
Моделот кој го забележавме во продажниот салон на Toyota е во највисокото ниво на опременост, а на македонскиот пазар ќе има три такви нивоа, но подеталните информации ги очекуваме за неколку дена, бидејќи ние имавме шанса да го забележиме истиот ден кога тој пристигна во Toyota Авто Центар. Оваа верзија е со панорамски сончев покрив, поголемиот 12,3-инчен инфозабавен систем со сателитска навигација.
Кога станува збор за моќноста, хибридниот погон на Highlander испорачува 248 КС, што е доволно спринтот до „стотка“ да се достигне за 8,3 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час. Од Toyota истакнуваат дека новиот европски SUV може да се движи со брзина од 125 километри исклучиво на електричен режим.
Од она што го добивме како информација, почетната цена на Highlander ќе изнесува околу 55.000 евра, но како што напоменавме, поконкретните детали ќе бидат објавени наскоро. За други информации, посетете го продажниот салон на Toyota во Македонија.