Новите Audi Q5 и Q5 Sportback пристигнаa во Македонија

Audi Q5 и Q5 Sportback пристигнаa на македонскиот пазар со динамичен дизајн, напредна MHEV технологија и премиум дигитална кабина.
На македонскиот пазар пристигна новата генерација на Audi Q5 и Q5 Sportback кои комбинираат елегантен дизајн, практичност и напредна технологија. Новите модели носат свежа дизајнерска филозофија, модерна дигитална внатрешност и ефикасни мотори со делумна електрификација.
Q5 Sportback ја задржува препознатливата SUV функционалност, но со понагласен динамичен карактер, насочен кон купувачи кои сакаат комбинација од стил, простор и секојдневна практичност, додека Q5 и понатаму плени со својата практичност и класичен изглед.

Спортска силуета и препознатлив Audi дизајн
Втората генерација на Q5 Sportback се истакнува со елегантна и динамична линија на покривот која се спушта кон задниот дел, создавајќи препознатлива coupé форма. Острите предни светла, широката Singleframe решетка и скулптурираните линии му даваат модерен и самоуверен изглед.
Задниот дел е визуелно проширен и нагласен со светлосна лента по целата ширина, интегриран дифузор и спортски обликуван капак на багажникот. Достапни се повеќе стилски изведби, вклучувајќи Advanced и S line, додека SQ5 Sportback носи уште поагресивен и препознатлив спортски карактер.

Практичноста останува една од силните страни на моделот. Багажникот нуди до 515 литри простор, а со спуштање на задните седишта капацитетот расте до 1.415 литри. Дополнително, Q5 Sportback може да влече приколка со тежина до 2.400 килограми. Од друга страна Q5 нуди за нијанса поголем багажник со простор од 520 литри, односно 1473 литри со спуштена задна клупа
Модерна и дигитална кабина
Ентериерот на новите Audi Q5 и Q5 Sportback е дизајниран со фокус на удобноста и технологијата. Централно место зазема панорамскиот Audi MMI дисплеј, надополнет со дополнителен екран за совозачот, создавајќи впечатлива дигитална атмосфера.

Дизајнот на кабината е минималистички и со висок контраст, со внимателно одбрани материјали и „Softwrap“ елемент кој се протега низ контролната табла и вратите, создавајќи чувство на простор и премиум амбиент.
Ефикасни мотори со MHEV plus технологија
Новите Audi Q5 и Q5 Sportback се поставени на Premium Platform Combustion (PPC) и доаѓаат со 48-волтен MHEV plus систем кој го поддржува моторот со внатрешно согорување, ги подобрува перформансите и ја намалува потрошувачката.
Системот овозможува дополнителни 24 коњски сили и до 230 Nm вртежен момент, како и делумно електрично движење при маневрирање и паркирање. Литиум-јонската батерија со капацитет од 1,7 kWh помага при рекуперација на енергија при сопирање и ја зголемува ефикасноста.

Во понудата се неколку мотори, сите комбинирани со седумстепен S tronic менувач. Основниот 2.0 TFSI бензинец испорачува 204 коњски сили и 340 Nm, додека 2.0 TDI дизел моторот нуди 204 коњски сили и 400 Nm со quattro погон на сите тркала. На врвот на понудата е SQ5 Sportback со 3.0 V6 TFSI мотор кој развива 367 коњски сили и 550 Nm вртежен момент.
Во текот на животниот циклус на моделот се очекуваат и plug-in хибридни верзии со поголема батерија и можност за надворешно полнење.
Веќе достапен на македонскиот пазар
Со новата генерација на Q5 и Q5 Sportback, Audi дополнително ја зацврстува својата позиција во премиум SUV сегментот. Моделот носи одличен баланс меѓу спортски изглед, практичност и напредна технологија, што го прави еден од најинтересните избори во класата.
Новите Q5 и Q5 Sportback веќе се достапни на македонскиот пазар, а заинтересираните купувачи можат одблиску да ги разгледаат во продажните салони на Audi или на официјалниот веб-сајт.











