fbpx

Novitec го претстави модифицираниот Maserati Levante Esteso

Познатиот тјунер Novitec го „набилда“ и го модифицираше SUV моделот на Maserati, Levante, кој сега поседува спектакуларни 616 КС

Во исчекување на првиот SUV/кросовер од Ferrari, Maserati Levante Trofeo во моментов е нешто најблиску до тоа со своите 3,8-литарски twin-turbo V8 мотор кој е произведен од страна на Ferrari. Овој мотор развива 580 КС и 730 Nm вртежен момент, што би требало да биде доволно моќен за повеќето вљубеници во брзото возење и фанови на компанијата од Маранело. Но, за оние кои секогаш сакаат нешто повеќе, тука е Novitec.

Овој тјунер од споменатиот мотор на Ferrari извлече уште повеќе, попрецизно 616 КС и 820 Nm вртежен момент. Novitec направи и нешто повеќе од само „обично“ зголемување на моќноста, бидејќи Maserati Levante сега доби и помускулест изглед. Неговата ширина е зголемена на 2,09 метри откако Novitec вгради свои проширувања на штитниците за кал со што доби повеќе од 10 сантиметри напред, односно 12 сантиметри позади. Целиот body kit се состои од осум компоненти, а некои од нив можат да бидат направени од карбон, вклучително и хаубата и задниот спојлер.

Исто така, Novitec поработе и на воздушниот систем на потпирање, па Levante сега е понизок за 25 милиметри, поради што има поагресивен изглед, а и управувањето е подобрено со оглед на тоа дека центарот на гравитација е понизок. Забележлив е и новиот сет со 22-инчни тркала.

Novitec Maserati Levante Esteso од нула до „стотка“ стигнува за 3,8 секунди, додека максималната брзина изнесува 309 километри на час. Тоа е нешто повеќе во однос на најбрзиот продукциски SUV на светот Bentley Bentayga Speed, кој достигнува максимални 306 километри на час.

Поврзани вести

Back to top button