Ново поглавје за домашниот автомобилизам: Иџе и Авто Плус со договор за соработка
Авто Плус и Игор Стефановски - Иџе официјално потпишаа договор за соработка за взаемна промоција, продолжувајќи ја долгогодишната поврзаност

Најстариот автомобилски медиум во Македонија, Авто Плус, и најтрофејниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе официјално потпишаа меморандум за соработка и взаемна промоција, отворајќи ново поглавје во долгогодишното партнерство меѓу двете препознатливи имиња од домашната автомобилска сцена.
Соработката меѓу Авто Плус и Иџе не е нешто ново. Напротив, таа трае со години и датира уште од почетоците на интернационалната кариера на македонскиот автомобилист, кога медиумот активно ги следеше неговите настапи, успеси и развој на европската тркачка сцена.

Долгогодишна поврзаност со автомобилскиот спорт
Еден од највпечатливите моменти од досегашната соработка беше промотивната турнеја низ Македонија организирана во 2012 година, кога Иџе беше дел од проектот на Авто Плус посветен на доближување на автомобилизмот до пошироката публика.
Во рамки на настанот, група читатели на Авто Плус добија ретка можност да седнат на совозачко место покрај Иџе на затворената патека во Кичево. Присутните тогаш одблизу почувствуваа што значи професионален тркачки автомобил и како изгледа возење со еден од најуспешните македонски автомобилисти.
Нов договор, нови проекти
Со потпишувањето на новиот договор за соработка, двете страни најавуваат уште поблиска комуникација и заеднички активности во периодот што следува. Иако деталите околу идните проекти засега не се откриваат, договорот претставува продолжение на едно долгогодишно пријателство и партнерство изградено низ годините.
Во време кога автомобилскиот спорт во Македонија сè потешко добива простор во јавноста, ваквите соработки имаат дополнителна важност за промоција на домашниот автомобилизам и за приближување на тркачката сцена до љубителите на автомобилизмот.
Иџе и Авто Плус и во минатото покажаа дека зад нив стои заедничка страст кон автомобилите, брзината и мотоспортот, а новиот меморандум само ја потврдува таа поврзаност која трае повеќе од една деценија.



