Одобрено спојувањето на Fiat Chrysler и Peugeot Citroen

Управниот одбор на Peugeot Citroen (PSA) едногласно одобри спојување со групацијата Fiat Chrysler (FCA), но тие остануваат конкуренти уште одреден период

Со спојувањето на Peugeot Citroen (PSA) и Fiat Chrysler Automobiles (FCA) ќе се создаде нов автомобилски гигант, односно ќе настане четвртиот по сила производител на автомобили во светот.

По состанокот на управните одбори на компаниите се очекува дека тие би можеле да најават потпишување на обврзувачки договор, пренесува Ројтерс. Станува збор за договор вреден 50 милијарди долари.

Овие два производители на автомобили пред месец и пол најавија планови за спојување со цел со здружени сили да влезат во „клинч“ со големите предизвици во таа индустрија, вклучително и падот на глобалното побарување и потребата за развој на скапи електрични автомобили со цел да се задоволат новите стандарди против загадувањето на воздухот.

Седиштето на здружената група ќе биде во Холандија. Групата ќе ги поседува брендовите Fiat, Jeep, Dodge, Ram, Chrysler, Alfa Romeo, Maseratti, Peugeot, DS, Opel и Vauxhall.

Сепак, и покрај тоа што PSA групата и Fiat Chrysler Automobiles официјално посочија дека ќе се спојат, тие во следните 12 до 14 месеци ќе продолжат да функционираат како конкуренти, посочија аналитичарите и автопроизводителите.

Толку време е потребно за да се дојде до финалниот купопродажен договор и за сите антимонополски власти ширум светот да го дадат своето одобрение. Почитувањето на сите антимонополски обврски се додека не се активира спојувањето е особено клучно во Европа, каде двете компании имаат најголем дел од своите активности. Органите за конкуренција во ЕУ внимателно го следат автомобилскиот сектор, а добавувачите и производителите на автомобили беа погодени со милијарди во казни во изминатата деценија за прекршоци.

Ако двете компании сакаат да соработуваат за одредена оперативна функција пред да се спојат, тие ќе мораат одделно да проценат дали е во согласност со законот за монопол. Потоа, тие ќе создадат посебен договор, како што е договор за трансфер на технологија, договор за снабдувач или договор за заедничка дистрибуција.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close