fbpx

Посакајте и добредојде на осмата генерација на популарниот заводник

Со еволутивен надворешен дизајн, целосно нова возачка кабина, многу технолошки новитети и нови погони, Golf 8 комплетно го редефинира својот сегмент

Осмата генерација на ултрапопуларниот германски хечбек беше конечно претставена вчера во Волфсбург. Официјалните фотографии беа протечени ден претходно, но сите спецификации речиси беа задржани во тајност.

Доколку го споредиме со моделот во заминување, новиот Golf е малку подолг и пократок, со поголемо меѓуоскино растојание, па така тој брои 4,284 mm во должина, 1.789 mm во ширина и 1.456 mm во висина, со меѓуоскино растојание од 2.636 mm. Спуштањето на предниот дел не само што придонесува за поагресивен изглед, но допринесува и за коефициент на аеродинамичност од 0,275.

Еволутивен надворешен дизајн

Говорејќи за надворешноста, предниот крај го задржува карактерот препознатлив за Golf, но секако со низа промени, кои имаат за задача значително да го разликуваат од моделот кој го заменува. Ревидирани светлосни уреди, нов браник, помала решетка и хауба со нов облик се само дел од промените, кои мора да признаеме дека изгледаат навистина одлично. Еволутивниот дизајн го опфаќа и задниот дел на моделот, каде се забележуваат ревидирани задни светлосни уреди, целосно нов браник, со нова форма и изглед.

Како стандард, сите изведби на новиот Golf 8 добиваат нови LED предни и задни светла, Keyless Start, дигитален инструментен панел, 8,25-инчен инфозабавен систем, We Connect и We Connect Plus, мултифункционален волан, автоматска клима уред, асистент за задржување на возилото во лента, предвидлива заштита за пешаци и Car2X технологија.

Golf 8

Доколку се одлучите за поспортската R-Line изведбата, добивате 17-инчни Sebring алуминиумски фелни, R-Line браници, црни сјајни акценти, заден дифузер, избор на режим на возење, врвни спортски седишта, алуминиумски менувач, волан со перфорирана кожа и многу друго. Повеќе „зелената“ варијанта, односно хибридниот GTE, доаѓа со осветлени ленти во предната решетка, GTE браници, специјални 17-инчни алуминиумски фелни, црвени кочни шапи и GTE спојлер. Во внатрешноста, тој се карактеризира спортски седишта, пулсирачко копче за стартување, педали од нерѓосувачки челик и 30 достапни бои за системот за амбиентално осветлување.

Да не ја заборавиме и листата на дополнителни карактеристики, кои ги вбројува 10-инчниот инфозабавен систем, кој заедно со големиот систем за навигација Discover Pro го создаваат Innovision Cockpit. Тука е и надоградениот аудио систем, кој го користи 400 ватниот Harman Kardon систем, за уште повозбудливо доживување.

Целосно ново возачко искуство

Да зборуваме малку за делот каде најмногу се забележува еволутивниот дизајн, внатрешноста, веројатно многу повозбудлива од надворешноста, бидејќи има толку многу новини. Дизајнирана во насока да обезбеди што е можно поголема практичност и функционалност, дигиталната ера кај овој хечбек официјално започнува, но сепак со одредена мера на минималистички карактер.

Golf 8

При самото отворање на вратата, она што ќе ве пречека е целосно новиот управувач, со комплетно изменет дизајн. Дигиталниот инструмент панел исто така добил свои измени, а сега новиот Golf 8 може да го добиете и со опционален head-up дисплеј, како и интернет поврзување каде стандардниот OCU (Online Connectivity Unit) доаѓа со интегрирани eSIM врски, We Connect и We Connect Plus функции и услуги.

Секогаш технолошки поткрепен

Она што производителот се стреми, е да го одржи на врвот и да ја задржи позицијата на најпосакуван хечбек модел, па така Volkswagen со Golf 8 ќе постави нови стандардни во својата класа во однос на асистираните возни функции. Пример за ова е Travel Assist кој овозможува возна асистенција на автопат, до брзини од 210 km/h, без притоа возачот да мора активно да управува, забрзува или сопира.
Исто така, автомобилот е првиот VW модел кој се поврзува со својата околина, како стандард. Тука ја имате функционалноста Car2X која прима информации од други возила во радиус до 800 метри и сигнали од сообраќајната инфраструктура, за да ги предупреди останатите возачи и оваа информација може да се пренасочи кон другите модели опремени со Car2X. Покрај ова, новите IQ Light LED матрикс светла ќе обезбедат дополнителна безбедност благодарение на нивните делумно интерактивни светлосни функции.

Golf 8

Широк спектар на погонски системи

Во екот на електрификацијата и водењето кон целосно прекинување на CO2 емисијата, голем дел од производителите размислуваат за целосно укинување на озогласените „загадувачи“, а некои веќе и ги исфрлија од погонскиот спектар кај дел од своите модели. Сепак, ова не е случај и кај Volkswagen, кој сеуште силно стои зад дизел погоните, но сепак сметаме дека ова добро го компензира со понудените хибридни изведби.

Прво за конвенционалните мотори. Новиот Golf 8 располага со нови бензински и дизел мотори со турбо полначи и систем за директно вбризгување. На бензинскиот фронт, понудени се четири TSI единици, односно 1,0 литарски мотор кој испорачува 90 и 110 коњски сили и 1,5 литарска единица со 130 и 150 коњски сили. Исто така, тука се и помоќните 2,0 литарски TSI мотори, употребени кај верзиите GTI, GTI TCR и Golf R. Главен новитет е и најавената CNG варијанта, која користи 1,5-литарски TGI и ќе биде лансирана нешто подоцна.

Golf 8

На помалку еколошката страна, Golf ќе биде опремен со новите 2,0 литарски TDI мотори, развиени целосно од почеток. Двете варијанти ќе обезбедуваат моќност од 115 и 150 коњски сили и можат да бидат комбинирани со рачен или автоматски DSG менувач, а помоќната изведба доаѓа со опција за 4MOTION погон на сите тркала. За оние кои се љубители на помоќниот дизел, Volkswagen го најави целосно новиот Golf GTD, кој исто така ќе пристигне малку подоцна.

Чекор со електрификацијата

Како што веќе напоменавме, Golf 8, за разлика од своите претходници, добива дури пет различни хибридни верзии. Први на листата се трите eTSI благи хибридни изведби, кои се целосен новитет кај моделот. Конфигурацијата е изведена од 48V генератор со ремен, 48V литиум-јонска батерија, најновите TSI мотори и седум-степен DSG автоматски менувач, кои вака споени произведуваат моќност од 110, 130 и 150 коњски сили. Што се однесува до eHybrid опсег, Golf 8 може да го добиете со две plug-in хибридни конфигурации со моќност од 201 и 245 коњски сили, каде помоќната е всушност GTE изведбата, која е опремена со 1,4 литарска TSI единица, електричен мотор и 13 kWh литиум-јонска батерија.

Целосно новата осма генерација на Golf ќе пристигне на европскиот пазар во декември оваа година.

Поврзани вести

Back to top button