Официјална премиера за Subaru BRZ

Subaru конечно го претстави новиот BRZ, втората генерација на јапонското спортско купе кое сега пристигнува со неколку подобрувања во однос на претходникот

Култното спортско купе на Subaru, моделот BRZ, ја доби својата втора генерација. Сега се карактеризира со унапредена шасија, нов атмосферски мотор, но го задржува истиот перформансен фокус како претходно и погонот на задни тркала. Интересно е тоа што и покрај официјалната премиера, автомобилот ќе започне со продажба дури за една година. Според најавите, ќе се продава во Јапонија и Америка, но не и во поголемиот дел од Европа. Сепак, на Стариот континент европските купувачи ќе можат да се задоволат благодарение на Toyota која ќе го нуди „близнакот“ GT86.

Под хаубата се наоѓа новиот атмосферски 2,4-литарски четирицилиндричен мотор кој достигнува до 7.000 вртежи во минута, испорачува 230 КС и 249 Nm максимален вртежен момент. Со ова е решена една од главните замерки дека Subaru BRZ нема доволно потентен агрегат, па јапонскиот производител додаде 30 КС и 44 Nm повеќе со новиот мотор. Купувачите ќе можат да бираат меѓу автоматски или рачен менувач, а и во двата случаи преносот ќе биде шестстепен.

Од Subaru тврдат дека новиот BRZ е најлесниот 2+2 продукциски спортски автомобил на американскиот пазар со само 1.315 килограми. Сето тоа е достигнато благодарение на користењето алуминиум за покривот, предните крила и хаубата. Шасијата е засилена за да понуди 50 проценти поголема торзиона цврстина.

Кога станува збор за ентериерот, новиот Subaru BRZ добива целосно нова возачки насочена контролна табла со сите модерни карактеристики. Инструментите сега се дигитални, со нов 7-инчен екран. За инфозабавниот систем е задолжен 8-инчниот екран на допир и содржи Android Auto, Apple CarPlay, Sirius XM и друго. Поскапите тримови исто така содржат телематики, додека BRZ верзијата со шестстепена автоматска трансмисија исто така добива и EyeSight технологија за асистенција на возачот.

Subaru BRZ

Во споредба со претходникот, новиот Subaru BRZ е 30 милиметри подолг, ја има истата ширина, но е 10 милиметри понизок. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.575 милиметри, што е пет милиметри повеќе од претходно.

Од Subaru не откриваат бројки околу забрзувањето во овој момент, но открија детали за новиот контролен систем за стабилност. Новиот редизајниран VSC нуди избор меѓу пет различни поставки кој овозможува повеќе внесувања од возачот пред да се соочи со системот за контрола на триењето.

Subaru BRZ

Дизајнот на Subaru BRZ претставува јасна еволуција во однос на претходникот. Со тоа овој новитет ја задржува во основа својата силуета, но со поистакнат преден дел, потенки фарови и преобликуван заден браник. Тука е и внимателно стилизираната хауба, додека новина претставуваат и релјефите, со отворите за воздух зад предните тркала. Зависно од желбата на купувачите, автомобилот пристигнува со 17 или 18-инчни тркала од лесна легура.

Тандемот BRZ/GT86 нема да биде единствениот плод од соработката меѓу Toyota и Subaru. Јапонскиот двоец соопшти дека работи на батериски кросовер со погон на сите четири тркала. Двете марки наведуваат дека овие работни ангажмани ќе допринесат за понатамошен развој и засилување на долгорочното партнерство.

Поврзани вести

Back to top button