fbpx

Официјално деби за Audi e-Tron GT и RS e-Tron

Електричниот спортски седан на Audi, моделот e-Tron и неговата перформансна верзија RS e-Tron, ја доживеаја својата официјална премиера

Кога станува збор за иновацијата, Audi сигурно е меѓу оние кои предничат. Германскиот бренд поставува нова насока во автомобилската индустрија со целосно електричните, високоперформансни модели. Audi веќе има искуство со елеткричните автомобили, но e-Tron GT и неговата RS верзија започнуваат една нова ера меѓу перформансните електрични возила во индустријата.

Audi e-Tron GT

Моќни мотори

Со оглед на тоа дека се дел од иста групација и споделуваат голем број сличности, e-Tron GT ќе биде особено сличен со Porsche Taycan. Тука е 93,4 kWh литиум-јонската батерија, 800-волтната електрична архитектура која овозможува брзо надополнување – од 5 до 80 проценти за 23 минути – електромотор на двете осовини и двостепен автоматски менувач поставен на задниот дел. Батериите се поставени во 396 ќелии во 33 модули, додека системот овозможува полнење со максимална моќност од 270 kW. Поточно, од Audi велат дека со петминутно полнење добивате 100 километри опсег на движење, додека вкупната автономија е 487 километри.

Базичните модели доаѓаат со 476 КС и 630 Nm ввртежен момент, додека RS варијантата доаѓа со 598 КС и 830 Nm. Исто како и e-Tron кросоверот, GT моделот има и „overboost“ функција која привремено ја зголемува моќноста на 522, односно 637 КС. Сите варијанти имаат погон на сите четири тркала, а како опција се нуди и системот за управување на сите тркала, кој ги врти задните тркала во спротивна насока при ниски брзина, односно во иста насока при брзини над 50 километри на час.

Audi e-Tron GT

Напредна технологија

Стандардниот Audi e-Tron GT, кој доаѓа во две нивоа на опременост, спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за 4,1 секунда, а максималната брзниа е 245 километри на час, додека перформансниот RS e-Tron истата дистанца ја минува за 3,3 секунди, пред да достигне максимална брзина од 250 километри на час. Audi e-Tron GT пристигнува со стандардно заклучување на механичкиот диференцијал, додека контролираното заклучување на диференцијал на задната осовина доаѓа како опција, додека кај RS e-Tron GT е стандарден дел од опремата.

Audi e-Tron GT

Исто како и кај Taycan, воздушниот систем на потпирање е поставен и кај e-Tron GT, за кој Audi вели дека има 60 проценти поголем капацитет, отколку поставката кај e-Tron кросоверот. Возачите имаат можност да ја подесат висината на возење во распон од 43 милиметри.

Препознатлив и футуристички ентериер

Кога станува збор за ентериерот, Audi ја задржува својата традиција на богата опременост, но во согласност со новата филозофија, забележливи се промените кон иднината. За разлика од претходно, тука сега се наоѓа 12,3-инчниот екран на допир на централната конзола кој е насочен кон возачот, а наместо помалиот, 8,6-инчен екран кој беше пракса досега, сега е поставен помал екран и физички копчиња за клима-уредот. Ентериерот на e-Tron GT се одликува со вообичаените спортски додатоци како што се спортски седишта, голема количина на карбонски трим, црвени шевови и управувач со рамно дно обложен во Алкантара.

Кога станува збор за функционалниот дизајн, копчето за стартување и селекторот за брзини се поставени на централната конзола наместо на контролната табла, а севкупниот изглед на ентериерот е далеку поконвенционален во однос на конкурентите. Голем број од командите се препознатливи од кај другите производи на Audi, што е навистина добро.

Audi e-Tron GT е поставен на 20-инчни, додека RS моделите се достапни со 21-инчни тркала. Како опција се нудат и Matrix LED предни светла. Самиот дизајн е навистина модерен, атрактивен и фантастичен. Audi успеа да го спои радикалното и футуристичкото со својата традиција и дизајнерски елементи кои се препознатливи за германскиот бренд, а инженерите особено внимание посветија и на аеродинамиката, поради што коефициентот на воздушен оптор е само 0.24.

Производството на новите e-Tron GT и RS e-Tron ќе се одвива во Audi Bollinger Hofe во Некарслум, Германија. Цените на домашниот пазар ќе стартуваат од 99.800 евра за e-Tron GT, односно од 138.200 за RS моделот.

Поврзани вести

Back to top button