Официјално деби за новиот Porsche 911 Turbo
Откако претходно оваа година беше претставен помоќниот 911 Turbo S, сега на ред дојде и „обичната“ турбо верзија на Porsche 911
Porsche на своите купувачи ќе им понуди купе и кабриолет варијанта, а двата автомобили се напојуваат со шестцилиндричниот 3,8-литарски битурбо boxer мотор кој испорачува 580 КС и 750 Nm максимален вртежен момент кај Porsche 911 Turbo. Во однос на претходната генерација, автомобилот располага со дополните 32 КС моќност, додека максималниот вртежен момент е зголемен за 40 Nm.
Послабата верзија на Porsche 911 Turbо од нула до „стотка“ ќе достигнува за 2,8 секунди, или 0,2 секунди побрзо од претходно, додека максималната брзина останува непроменета со 320 километри на час. Практично, нивото на перформансност на 992 Turbo е идентично со претходната генерација на 991 Turbo S. Исто така, треба да се напомене дека во новата генерација на Porsche 911 Turbo пристигнува со осумстепен PDK автоматски менувач со двојна спојка како стандарден.
Унапредувањето на погонот е придружено со „тјунираната“ шасија која нуди две опции за суспензија. Стандардниот PASM систем на потпирање според Porsche нуди унапреден баланс меѓу агилноста и возачката удобност, додека опционалниот PASM Sport систем на потпирање го прави Porsche 911 Turbo уште поагилен во свиоците.
Turbo презеде голем дел од новините кај Turbo S
Porsche Dynamic Chassis Control е достапен како опција за 911 Turbo моделите, исто како и спортскиот издувен систем и Sport и Lightweight пакетите. Новиот 911 Turbo присвојува голем дел од промените кои беа имплементирани со Turbo S моделот претходно годинава. Меѓу нив е Porsche Traction Managmenet активниот систем за погон на сите четири тркала, кој има способност да испрати уште поголема моќност до предните тркала во однос на претходно.
Кога станува збор за изгледот, новиот 911 Turbo речиси е идентичен со Turbo S. Тука се стандардните LED предни светла со PDLS Plus, засилена адаптивна аеродинамикa, поголем активен спојлер на предниот дел и масивен активен заден спојлер. Најочигледната разлика меѓу двата модели се забележува на задната страна, каде што 911 Turbo се одликува со четири четириаголни издувни цевки, за разлика од двојните овални издувни цевки кај Turbo S.
Кога станува збор за цените, Porsche 911 Turbo во купе варијанта чини 180.811 евра во Германија, додека кабрио верзијата изнесува 194.035 евра.