Opel Mokka GSE Rally: Новиот рели автомобил за иднината на моторспортот

Со стартот на петтата сезона на ADAC Opel Electric Rally Cup, Opel го претстави своето најново и најмоќно електрично рели концепт возило – Opel Mokka GSE Rally. Овој прототип, со моќност од 207 kW (280 КС), нуди поглед во иднината на електричниот моторспорт и го потврдува статусот кој Opel го има во сегментот на електрични рели автомобили.
Дизајн кој привлекува и перформанси кои возбудуваат
Базиран на серискиот модел Mokka, новиот Mokka GSE Rally доаѓа со радикален рели изглед и технички надградби. Препознатлив е по екстравагантната фолија со ‘OMG! GSE’ ознака, жолти кочници напред, жолти тркала назад, воздушен отвор на покривот и црна хауба со Mokka GSE RALLY натпис.
Под каросеријата, автомобилот носи импресивна техника: електричен мотор со 280 КС, 345 Nm вртежен момент, ограничувач на пролизгување со повеќе плочи, тркачки менувач, и Bilstein суспензија со засилена McPherson конфигурација. Изостануваат електронските помагала како ABS, ESP и контрола на тракција – сè во име на чиста рели динамика.
Напредна технологија, инспирирана од искуството со Corsa Rally Electric
Развиен врз основа на искуството со Corsa Rally Electric, Mokka GSE Rally користи 54 kWh батерија од сериска верзија, со софтверска оптимизација за ефикасност, стабилност и конкурентни перформанси. Прототипот е конструиран со лесна шасија и засилени делови на погонскиот систем, за да издржи екстремни рели услови.
Безбедност на највисоко ниво
Како и кај Corsa Rally Electric, и кај Mokka GSE Rally безбедноста е приоритет. Возилото има FIA сертифицирана рол-бара, седишта со шестточковни ремени, заштитена батерија, и систем за гаснење со електрично неизпроводлив агенс. Интегриран е и Master Alarm Indicator, кој веднаш алармира при потенцијална изолациска грешка или судир, и автоматски го деактивира високонапонскиот систем.
Инаку, Mokka GSЕ Rally е првиот рели автомобил развиен според новите eRally5 регулативи на FIA, што му овозможува да се користи на глобално ниво во повеќе куп и клиентски натпревари од 2026 година.
Од визија до реалност – електричниот рели спорт е тука
Од 2021 година, Opel преку ADAC Opel Electric Rally Cup докажува дека електричните рели автомобили се брзи, безбедни и возбудливи. Со досега 63 возачи од 13 земји и 33 трки низ шест држави, интересот и прифаќањето кон овој вид на моторспорт постојано расте.
Следната трка ќе се одржи на 23 и 24 мај 2025 во Холандија, за време на ELE Rally во Ајндховен, каде што Mokka GSE Rally ќе ја има својата прва јавна рели премиера.