Opel со тизери ја најави освежената Astra
Освежената Opel Astra ќе добие поостар дизајн, модернизирана технологија и избор од дизел, хибридни, plug-in и електрични изведби.

И покрај доминацијата на SUV моделите на европските пазари, компактните хечбек автомобили продолжуваат тивко, но сигурно да ја задржуваат својата привлечност. Opel се подготвува да го претстави освежениот Astra – модел кој треба да ја зацврсти позицијата на брендот во сегментот и да ја одржи актуелноста на шестата генерација претставена во 2021 година.
Први тизери: Посовремена предница со „Opel Compass“
Stellantis, односно Opel, ги објави првите тизер-фотографии од фејслифтираната Astra, кои откриваат умерени стилски промени, најмногу концентрирани на предниот дел. Препознатливата Opel Vizor маска сега добива пошироки LED елементи што го обрамуваат осветлениот Opel Blitz знак.

Со ова, Astra го добива т.н. „Opel Compass“, односно нов визуелен потпис кој ќе се појавува кај сите идни модели на марката.
Дополнително, видливи се поголеми отвори на браникот, како и нов дизајн на фелни со три двојни краци и двобојна завршница. Задниот дел останува главно непроменет, со мали корекции на браникот за подобри пропорции.
Opel потврди дека освежувањето ќе биде применето и кај караванската верзија Astra Sports Tourer.
Внатрешност: Повеќе технологија и посовремени материјали
Во кабината се очекува модернизација со поголеми дигитални екрани, нови комбинации на материјали, подобрен инфотејнмент систем и најнов пакет на системи за асистенција при возење. Според директорот на Opel, Флориан Хитл, освежената Astra ќе понуди „уште поостри дизајнерски елементи и напредни иновативни технологии“.
Погонска понуда: Дизел, хибрид, plug-in и целосно електрична верзија
Кај моторите, Astra ќе го следи примерот на фејслифтираниот Peugeot 308, со кој ја дели платформата. Очекуваната понуда ги вклучува почетниот 1,5 турбодизел со 130 КС, потоа благиот хибрид со 1,2-литарски турбо бензинец со 145 КС, plug-in хибридната верзија со системска моќност од 195 КС, а во понудата се наоѓа и електричната Astra со 156 КС.

Комбинацијата на класични мотори, хибриди и електрични верзии ќе му овозможи на моделот да остане конкурентен во сегмент кој претрпува брзи промени, но сè уште има силна база на купувачи.
Силна конкуренција и важен момент за сегментот
Новата Astra ќе влезе во еден од најжестоките сегменти на европскиот пазар. VW Golf и понатаму ја држи лидерската позиција, Peugeot 308 и понатаму расте по популарност, додека Toyota Corolla и Hyundai i30 остануваат стабилни избори кај купувачите.
Истовремено, неколку традиционални играчи веќе се повлекоа од сегментот, меѓу нив Ford Focus и Renault Megane, што му отвора дополнителен простор на Opel да привлече нови клиенти.
Комплетните технички детали и фотографии Opel ќе ги објави наскоро, пред официјалната премиера на фејслифтираниот модел.







