Stellantis одговара на кинеската инвазија со нов кинески модел
Leapmotor B03x дебитира како нов мал електричен SUV со до 500 км автономија, современа технологија и платформа развиена за глобалниот пазар

Stellantis и кинескиот партнер Leapmotor го претставија најновиот електричен SUV во компактната B-сегмент класа – моделот A10 за Кина и B03x за Европа. Возилото дебитираше на саемот во Гуангжу, а Stellantis потврди дека наскоро ќе биде понудено и на европските пазари, вклучувајќи ја и Германија. Новитетот ќе се позиционира под сегашниот B10 и ќе стане директен ривал на модели како BYD Atto 2/Yuan Up, Citroën e-C3 Aircross, Opel Frontera Electric, Renault 4 E-Tech и редица нови и идна генерација електрични кросовери.
Моделот доаѓа во момент кога конкуренцијата во мали електрични SUV модели е жестока, а Stellantis гледа токму во Leapmotor како стратешко решение за понуда на пристапни, конкурентни и технолошки напредни ЕВ модели во Европа.

Дизајн со меки линии и технологија подготвена за автономни системи
Leapmotor B03x го следи современиот дизајнерски јазик на брендот – заоблени линии, прочистени површини и LED светлосни групи со затемнети внатрешни елементи. Од профил, моделот потсетува на Citroën поради обвиениот прозоречки појас, додека задните светла го носат карактеристичниот „насмевка“ ефект.
SUV-от ќе се нуди со 18-инчни алуминиумски фелни и избор од шест бои, меѓу кои и впечатливите Seaweed Green и Acorn Brown. Забележливи се кровниот Lidar сензор и дополнителните странични сензори, што укажува на богат пакет системи за напредна асистенција при возење.

Со должина од над 4,2 метри, ширина од 1,8 метри и висина од 1,6 метри, моделот се вклопува во компактниот SUV сегмент, со меѓуоскино растојание од повеќе од 2.600 mm, ветувајќи солидна внатрешна просторност.
Нова глобална платформа и батерија со висока енергетска густина
A10/B03x е првиот модел изграден врз новата глобална A-segment платформа на Leapmotor. Производителот најавува „батерија со исклучително висока енергетска густина“ од LFP тип, која овозможува CLTC автономија до 500 километри (311 милји). Иако Leapmotor не откри сите технички детали, очекувано е моделот да користи еден електромотор со погон напред.

Дополнително, платформата е развиена за напредни електронски системи и целосна OTA-поддршка за надградби во текот на животниот циклус на возилото.
Минималистички ентериер со AI системи и фокус на простор
Иако Leapmotor не објави официјални фотографии од кабината, производителот најавува минималистички ентериер со голем централно поставен дисплеј, „AI-driven cockpit“ и практично распоредени контроли. Моделот ќе нуди комфор за пет патници и „генераозен“ багажник, што е очекувано за семејно ориентиран SUV во оваа класа.
Европска стратегија и засилено присуство на Leapmotor
A10/B03x и поврзаниот хечбек што ќе дебитира во 2026 година ќе се приклучат на европската понуда на Leapmotor, која веќе ги вклучува T03, B05, B10 и C10.

Stellantis има контролен удел од 51% во Leapmotor International – заедничката компанија задолжена за глобалната дистрибуција на брендот од Кина до Европа и Југоисточна Азија. Партнерството следеше по инвестицијата од 1,5 милијарди евра во 2023 година, а растот на Leapmotor се покажа експлозивен: само во првите девет месеци од 2025 година продадоа над 395.000 возила, 129% повеќе од претходната година.
Директен удар во срцето на европскиот ЕВ пазар
Со A10/B03x, Stellantis добива токму она што му е потребно – пристапен, ефикасен и технолошки напреден електричен SUV развиен во партнерство со кинеска марка која брзо се пробива на глобалната сцена. Новиот модел доаѓа во еден од најжешките сегменти во Европа и претставува јасен одговор на растечката конкуренција од Кина и од европските производители што ги забрзуваат своите ЕВ програми.


















