Освежениот Citroën C3 сега и во Македонија

Новата, освежена верзија на Citroën C3 сега конечно е достапна и на македонскиот пазар неколку месеци по официјалното деби

Освежениот Citroën C3 сега е достапен и за македонските купувачи, а најпродаваниот модел на францускиот бренд во нашата земја е достапен во неколку варијанти, со различни нивоа на опременост и со 1,2-литарскиот PureTech трицилиндричен мотор кој испорачува 83 КС, односно турбо бензинецот со 110 КС.

Цената за Citroën C3 во нашата земја, според она што е достапно во моментов, започнува од 11.690 евра, додека опцијата со 1,2-литарскиот PureTech со 110 КС со шестстепен автоматски менувач изнесува 16.590 евра со попуст.

Кога станува збор за самиот автомобил и промените, најголемите визуелни измени на редизајнираниот Citroën C3 се наоѓаат на предниот дел. Предната маска содржи сосема нови LED светла, повеќе хромирани детали, како и нова боја на рамката за светлата за магла. Освен тоа, Citroën предвиде и нов дизајн на 17-инчните алуминиумски тркала и уште поширока листа за персонализација.

Последното подразбира нови бои, повеќе двобојни комбинации, нови колор акценти и графички пакети. Со оглед на тоа дека дури 65 проценти од европските купувачи го избираат својот C3 со двобојна каросерија, не треба да зачудува што Citroën го зголеми изборот од 36 на дури 97 комбинации на двобојна каросерија. Тука се и седумте нови бои на каросерија, четирите нијанси за покривот, а можно е да се избере и еден од четирите декоративни пакети.

Во внатрешноста сега се наоѓаат Advanced Comfort седишта кои се познати од поголемите модели како C4 Cactus и C5 Aircross, помеки материјали, нов потпирач за раката кај возачот, инфозабавен систем со 7-инчен екран и гласовно препознавање, со Mirror Screen, Apple CarPlay и Android Auto. Тука се и големиот број на системи за безбедност и асистенција кои доаѓаат како дел од опремата, стандардни или опционални.

Citroën C3

За повеќе информации обратете се во продажниот салон на Citroën во Македонија или на официјалниот веб-сајт.

Поврзани вести

Back to top button