Освежениот Kia Stinger само со V6 мотор во Европа

По дебито во Јужна Кореа минатиот месец, освежениот Kia Stinger сега е претставен со спецификации наменети за европските купувачи

Kia Stinger ги добива речиси истите унапредувања и во Европа, вклучително и неколку суптилни стилски промени, унапреден инфозабавен систем, повеќе безбедносни системи и ревидиран 3,3-литарски V6 T-GDi мотор. Интересно, освежениот Stinger пристигнува ексклузивно со шестцилиндричниот мотор во Европа, откажувајќи се целосно од претходно достапните четирицилиндрични бензински и дизел агрегати.

Од Kia ја објаснуваат оваа одлука со фактот дека повеќето европски купувачи го избрале 3,3-литарскиот мотор за време на првите три години на овој модел на пазарот. Севкупно, Kia успеа да продаде околу 10.000 единици на Stinger откако моделот беше лансиран во 2017 година.

Kia Stinger

За 2021 моделската година, 3,3-литарскиот битурбо V6 мотор доби мало зголемување на моќноста. Така, сега испорачува 370 КС и 510 Nm максимален вртежен момент. Освежениот Stinger го има најголемото забрзување од сите Kia модели кои се продаваат во Европа. Спринтот од нула до „стотка“ сега е намален за 0,6 секунди и изнесува 4,9 секунди. Ова се однесува за моделот со погон на сите четири тркала.

Stinger ќе се нуди како стандарден со погон на сите четири тркала во Европа. На пазарите каде што управувачот е поставен на десната страна ќе се нуди исклучиво со погон на задните тркала. Двете варијанти пристигнуваат со осумстепен автоматски менувач.

Kia Stinger

Освежениот Kia Stinger ќе биде препознатлив благодарение на новиот дизајн на карактеристичната решетка. Тука се и новите LED фарови со интегрирани дневни LED светла, нови LED задни светла со променетите индикатори за насока и ексклузивни 19-инчни тркала. Новина во надворешниот дизајн е и новата Ascot Green боја.

Во внатрешноста, архитектурата на кабината останува непроменета, но дизајнерите на Kia направија суптилни промени за полуксузен амбиент. Моделите за Европа се достапни со Nappa кожа во црна или опционална црвена боја. Главното унапредување во внатрешноста е новиот 10,25-инчен инфозабавен екран и навигациски систем, кој има подобрена функционалност. Нови карактеристики се и Bluetooth мулти конекцијата, split-screen екранот, Apple CarPlay и Android Auto интеграција и подобрен систем за гласовна контрола. Новина е и 7,0-инчниот дигитален инструмент кластер, како и Remote Engine старт системот.

Продажбата на Kia Stinger во Европа ќе започне во последниот квартал од 2020 и на почетокот од 2021.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close